Со цел подобрување на енергетската ефикасност, „ИК Банка“ ја прошири својата програма за финансирање со уште еден исклучително поволен ЕКО производ
Со цел подобрување на енергетската ефикасност, „ИК Банка“ ја прошири својата програма за финансирање со уште еден исклучително поволен ЕКО производ што дополнително ќе им помогне на македонските домаќинства, микро и мали претпријатија да ги намалат трошоците и потрошувачката на енергија и воедно да го намалат исфрлањето на CO2, информираат од Банката.
Економичниот и еколошки, ЕКО кредитот е наменет за финансирање на проекти за подобрување на животните услови преку промена на топлинска изолација, врати и прозорци, нови системи за греење т.е. замена на стари бојлери, соларно-термички системи за топла вода, спроведување на топлина преку нови електрични пумпи на системи за греење, внатрешен и надворешен систем за осветлување, поставување на соларни панели, како и конверзија на природен гас и други обновливите извори за користење на енергија.
ЕКО кредитот ќе биде достапен за физички и за правни лица.
Каматната стапка е мошне поволна и е определена на 7 отсто годишно за кредити чиј износ достигнува до 100 илјади евра со рок на отплата до 84 месеци.
„Со оваа нова кредитна линија „ИК Банка“ уште повеќе ќе го прошири својот широк спектар на кредитни производи и ќе ја надополни постојната Програма за енергетска ефикасност. Сега можеме на сите клиенти, од физички лица до фирми од која било големина, да им ги понудиме придобивките од лесно и флексибилно финансирање на инвестиции за подобрување на енергетската ефикасност. Претходно овие посебни кредити не беа воопшто достапни или беа достапни само за големите фирми. Овие инвестиции самите ќе се отплатат преку заштедата на енергија и ќе ѝ помогнат на Македонија да ги постигне енергетските цели. „ИК Банка“ е посветена на поддршката на македонското стопанство и ние се развиваме заедно со клиентите. Го зголемивме кредитното портфолио за 38,4 отсто во 2010 година и ќе продолжиме да даваме нови и софистицирани понуди на клиентите во сите сегменти,“ вели Јуџел Инан, генералниот директор на „ИК Банка„.
Средствата за финансирање на домаќинствата и локалните претпријатија, „ИК Банка“ ги обезбеди во соработка со Green for Growth Fund, Southeast Europe (GGF)
преку кредитна линија во износ од 5 милиони евра. „ИК Банка“, исто така ги поддржува средните и големи компании со кредитите за енергетска ефикасност со исклучително поволни услови, преку средствата обезбедени од ЕБОР.
Преземено од: ФОРУМ