Општина Битола покрај тоа што се залага за подобрување на енергетската ефикасност, примена на обновливи извори на енeргија и заштита на животната средина, исто така е посветена на подобрување на условите на престој на децата и персоналот во детските градинки. Во изминатиот период, со инвестиција на општина Битола во двете централни градинки, ЈОУДГ Мајски Цвет и ЈОУДГ Естреа Овадија Мара беше реализиран проектот „Примена на обновливи извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност со примена на сончеви термални колектори“. Со овој проект стариот и финансиски лош начин на загревање на водата е заменет со нов начин со големи економски и еколошки бенефити.
Имено, до неодамна загревањето на санитарната топла вода во ЈОУДГ Мајски Цвет Битола и во ЈОУДГ Естреа Овадија Мара Битола, се вршеше со бојлери на електрична енергија кои главно се користеа во кујната, пералната и на други места во градинката, така што овој начин на загревање на санитарната вода не само што беше финансиски скап, истиот се покажа еколошки и енергетски лош, а целодневната вклученост на бојлерите на електрична енергија, при што децата и вработените користеа топла вода, претставуваше дополнителна опасност за корисниците.
Општина Битола, со цел надминување на овие недостатоци инвестираше во комбиниран систем за загревање на санитарна топла вода во двете најголеми градинки во кои се сместени и реонските кујни за сите градинки, каде како главен извор на топлинска енергија е сончевата енергија. Од особено значење е што системот има можност кога нема сонце да се загрева преку централниот систем за греење кој работи на нафта. Битола со својата местоположба има одлични услови за искористување на сончевата енергија. Со овој систем за загревање се овозможи снабдување со голема количина на топла вода како и користење на санитарна топла вода и во тоалетите за дечињата што досега не беше случај.
Вкупната вредност на инвестицијата во двете градинки изнесува над 2 600 000,00 денари.