Kомуналниот и цврстиот отпад во Kумановско ќе бидат согорувани во фабрика во која ќе се произведува електрична енергија. Проблемот со депониите ќе биде надминат, а топлинската енергија ќе се користи за затоплување, по урнекот на повеќето големи европски градови. Проектот чини околу 50 милиони евра. Со изградбата на фабриката за согорување цврст отпад, Kуманово и останатите општини од Североисточниот плански регион ќе добијат повеќе бенефити.
За реализирање на овој проект градоначалникот на Kуманово, Зоран Дамјановски, кој е и претседател на Североисточниот плански регион, и претставници од компанијата „Бресон“ од Чешката Република потпишале договор за изработка на физибилити-студија, планска и тендерска документација.
– Локалната самоуправа на Kуманово прави историски чекор, а регионот ќе го надмине повеќедеценискиот проблем со депонирање цврст отпад. Оваа иницијатива произлезе од мојата посета на Прага, каде што видов интересна приказна, дека таму голем процент, односно 30 до 40 отсто од граѓаните се затоплуваат од енергијата која произведува околу седум-осум мегавати електрична струја. Тоа им го пренесов на соработниците и на членовите на општинскиот Совет, кои ја прифатија иницијативата и се согласија да почнеме со изработка на студија – вели Дамјановски. Изработката на студијата ќе чини 255 илјади евра, а 55 отсто од средствата ќе бидат донација од чешката влада, односно од компанијата „Бресон“, која ќе се зафати со организација, со вклучување свои консултанти и експерти, а 45 отсто од средствата ќе ги обезбедат општините од Североисточниот плански регион.
Претставникот од компанијата „Бресон“, Kарл Хаусшампер од Прага, вели дека за нивната компанија ова не е прв проект.
-Имаме работено на повеќе слични проекти во повеќе европски градови, како што се Прага, Рим, Брно, Kошице, Братислава и други и сите овие фабрики за цврст отпад работат добро, согласно европските стандарди и закони, пред с` за заштита на еколошката средина. Со тоа даваме можност енергијата од отпадот да се исползува на најдобар можен начин – вели Хаусшампер.
Фабриката најверојатно ќе биде изградена во приградската населба Доброшане, на 5 километри од Kуманово, во непосредна близина на пречистителната станица за отпадни води.
Со тоа ќе се исчисти депонијата во селото Пчиња, која децении наназад му создаваше проблеми на месното население, како и на населението од околните села. Пред неколку години нивните реакции и револтот кулминираа со неколкудневни блокади, бидејќи сметаа дека им се загадува животната околина, а на пазарот купувачите ги одбегнувале нивните земјоделски производи. (С.А.Ј.)
Депонијата ја загадува Пчиња
Жителите на селото Пчиња велат дека е добро да се дислоцира депонијата, од која не само што се загадува воздухот туку и почвата и подземните води.
– Одамна се зборува дека депонијата ќе се дислоцира зашто изминатите децении создаваше големи проблеми. Меѓутоа, многу ветувања имаше досега, а малку се остварија. Некако тешко е за верување дека и ова ќе се случи. Сепак, нам ни останува да се надеваме зашто оваа депонија не е штетна само за нас, туку и за граѓаните на Kуманово, на кои ние им ги продаваме нашите земјоделски производи – вели Kрсто Миливојевиќ од селото Пчиња.
Преземено од Дневник