ЕЛЕМ ќе го гради првиот ветерен парк во Македонија. Вкупна инвестиција изнесува 55 милиони евра од кои 22,6 милиони ги обезбеди инвеститорот Електрани на Македонија.
За останатите 32,9 милиони евра, земен е заем од германската развојна банка КФВ. Рокот за отплата на кредитот е 12 години со 3 години грејс период и фиксна каматна стапка од 3,3 проценти.
– Денеска ја затворивме финансиската конструкција за изградба на Ветерниот парк Богданци. Со договорите што ги потпишавме со KFW Банката обезбедени се 32,9 милиони евра, а останатите 22,6 милиони ќе ги обезбеди АД ЕЛЕМ од сопствени средства, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по потпишувањето на договорите.
На 29 хектари кај Богдaнци ќе бидат инсталирани од 15 до 18 ветерници со вкупен капацитет од 37 мегавати или годишно централата ќе произведува 100 гигават часови електрична енергија.
Според директорот Чинговски и овој проект ќе придонесе кон замена на увозот, со струја произведена од домашни капацитети.
– Целта е искористување на обновливите извори на енергија при производство на струја, намалување на емисија на стакленички гасови, но и намалување на увозната зависност на Македонија од електрична енергија, истакна директорот на АД ЕЛЕМ Влатко Чинговски.
Најдоцна за две години ветерниците ќе бидат инсталирани, кога и се очекува паркот да проработи. Ќе има и втора фаза каде дополнително ќе се инсталираат нови ветерни турбини, при што моќноста на централата ќе се зголеми за околу 50 мегавати.
Овој проект како што потенцираше Чинговски е чекор плус кон исполнување на обврските за производство на електрична енергија од алтернативните извори.
Борче Пауновски
Преземено од: СИТЕЛ