Македонија не е конкурентна економија. За единица производ трошиме значително повеќе енергија споредено со европските земји. Токму затоа компаниите мора да применат стратегија за енергетска ефикасност, со која ќе го задржат квалитетот на производството, а ќе ги намалат трошоците за енергија.
Во однос на примената на мерки за енергетска ефикаснсот, Македонија е далеку зад европските земји, па и зад Грција, Србија и Хрватска. Заштедата на енергија треба да се гледа во насока на растоварување на РЕК Битола и на увозот на енергенси, како и помало загадување на животната средина.
Македонија во просек троши четири пати повеќе енергија од развиените земји кога ќе се земе предвид нивото на бруто-домашниот производ.
“На енергетската ефикасност треба да се гледа како на огромен потенцијал и двигател на стопанството. Таа ќе овозможи отворање нови работни места. Енергетската ефикасност не е кампања, таа е длабоко вкорената во светските стопанства и треба да донесе револуционерни промени во економиите“, вели Живко Димов, менаџмент-консултант.
Енергетската ефикасност значи сигурно снабдување со енергија, конкурентна економија и одржлив развој. Да се применуваат мерките за заштеда и рационално користење на енергијата во една компанија е суштински важно, особено ако се земе предвид фактот дека електричната енергија и другите енергенси годишно ќе поскапуваат за најмалку 10%.
“Енергетската ефикасност е победничка варијанта, тоа е ресурс на Македонија. Да се вложи еден денар во енергетска ефикасност е исто како да сте вложиле два или три денари во производство на енергија“, вели Константин Димитров, од Македонскиот центар за енергетска ефикасност (МАЦЕФ).
Размислуваат ли компаниите енергетски ефикасно?
Со растот на цените на енергенсите, расте и свесноста кај македонските компании дека заштедата на енергија, порационалното користење на ресусрсите, конкурентноста и профитабилноста се клучот на успехот. Тие кои тоа навреме го апсолвирале, веќе подолго време применуваат енергетска ефикасност. Со кредит од околу 1,5 милиони евра од ЕБРД, во месната индустрија МИК од Свети Николе го подобриле работењето на котларницата, инсталацијата за ладење, вентилацијата, а инвестирале и во линија за снабдување со мазут, со цел намалување на производните трошоци и поголема конкурентност на пазарот. Кондиторската фабрика Европа на есен ќе инсталира енергетски ефикасна опрема вредна околу еден милион евра.
“Досега доминантен енергенс беа мазутот и гасот. Сега работиме доминантно на гас. Очекуваме за многу кратко време да замениме еден многу стар котел, кој работи на природен гас, со нов, кој има висок степен на искористување. Со кредитот од ЕБРД ќе инсталираме и нова опрема која троши помалку енергија, но и го подобрува квалитетот на производството. Енергетската ефикасност апсолутно е неопходна во време кога немаме алтернатива на гасот и мазутот, кои не се евтини. Да се враќаме на струјата како енергенс за производство е скапо и неизвесно“, вели Савка Димитрова, генерален директор на Европа.
Макстил, компанија од тешката индустрија, чија основна дејност е производство на челик, уште во 2001 година примени мерки за ефикасно искористување на енергијата. Високата цена на енергенсите, како доминантен трошок, го натерала раководството да инвестира во намалување на трошоците.
“Кон крајот на 2010 година го завршивме циклусот на инвестиции од околу еден милион евра за преминување од природен гас на мазут во ладната валавница и од гас кон пропан-бутан во челичарницата. Конкуренцијата на пазарот на челик е извонредно остра и опстануваат компании кои успешно се справуваат со квалитетот на производот и со трошоците на производство. Макстил мора да биде во чекор со останатите водечки компании, така што и понатаму планира да вложува во проектите за поефикасно енергетско искористување, а со тоа и поекономично водење на процесот на производсвото“, вели Илија Хаџи Даовски, помошник-директор за технички прашања.
За рационално користење на енергијата компанијата досега вложила околу 30 милиони евра.
Во 2001 година, Макстил ја замени електричната со хемиска енергија во процесот на топење на челикот во електролачната печка, каде што со употреба на кислород и природен гас се супституираат до 30% електрична енергија. Со овој зафат компанијата добила поголемо производство со еднакво количесво струја. Во периодот 2007-2010 година, оваа компанија замени еден трансформатор за електролачната печка со помоќен, со што го осовременува регулациониот систем за контрола на електричниот лак.
“Во 2008 година изградивме и нова потисна печка во погонот Валавница за дебел лим, за загревање на валанецот. Оваа инвестиција резултираше со намалена нормативна потрошувачка на природен гас од 60 на 50 метри кубни за тон лим, а со тоа ја зголемивме и продуктивноста од 50 на 65 тони лим на час. Само за илустрација, за годишно производство од 350.000 тони лим, заштедата на природен гас на годишно ниво е 3,5 милиони метри кубни гас. Дополнителен бенефит е намалувањето на потрошувачка на технолошка вода за ладење од 35 на 10 метри кубни за лим“, објаснува Хаџи Даовски.
Преземено од: КАПИТАЛ