Истражувачите од МИТ велат дека пронашле начин како да произведат електрична енергија со искористување на водената пареа од воздухот.
Тие создале нов материјал, тенок еластичен полимер кој ја менува својата форма откако ќе впие мали количини на пареа, а еластичноста му овозможува да се свиткува и исправа постојано. Од тимот велат дека има на овој начин може да се произведе доволно енергија за придвижување на роботска рака или напојување на сензори или помали преносни електронски уреди.
-Многу сме горди на откривањето на овој нов материјал и како што ќе постигнуваме поголема ефикасност на конверзија на механичката енергија во електрична, очекуваме овој материјал така и да најде поголема практична примена – вели проф. Роберт Лангер.
Тенките слоеви на новиот материјал се прават од испреплетена мрежа на два полимери: полипирол, кој формира цврста, но флексибилна матрица и обезбедува структурна поддршка и полиол борат, мек гел кој набабрува кога ќе апсорбира вода.
Дваесет микрометри тенкиот материјал може да создава енергија од водата во различни опкружувања, од суви подрачја до влажни. Кога лежи на површина која содржи и најмала количина на влага, долната страна на материјалот ја апсорбира испарената вода, па со набабрувањето се свиткува кон спротивната страна. Ако потоа се влажната страна на материјалот се изложи на воздух, брзо се ослободува од влагата и се исправа. Со повторување на циклусот, постојаното движење ја претвора хемиската енергија на градиентот на водата во механичка.
Вакви ленти може да се користат како актуатори или генератори, бидејќи можат да подигнат или повлечат тежина многукратно поголема од сопствената.
Механичката енергија која се создава во материјалот може да се претвори во електрична со поврзување на полимерните ленти со некој пиезоелектричен материјал кој ќе го претвора механичкото напрегање во електрицитет. Овој систем во просек има моќност од 5.6 нановати, а произведената енергија може да се складира во кондензатори за напојување на ултра-нисконапонски микроелектронски уреди, како сензори за температура или влага.
Овој материјал може да се користи и за производство на електрична енергија во поголеми размери, со искористување на енергијата од околината. На пример, ако се постави над река или езеро или пак приврзан за некој текстилен материјал, може да го користи испарувањето на потта за напојување на некои преносни електронски уреди.