Истражувачите на Универзитетот во Минесота открија нова легура која топлината директно ја претвора во струја. Тие веруваат дека новата легура може да произведува „зелена“ енергија од отпадна топлина (секундарна топлина).
-Ова истражување ветува многу, бидејќи претставува целосно нов метод на преобразба на енергијата кој не бил употребен до сега. Тоа е и „најзеленниот“ начин за производство на електрична енергија, зашто ја користи отпадната топлина за производство на струја, без испуштање на CO2 – вели професорот по аеродинамика и механика, Ричард Џејмс, водач на истражувачкиот тим.
За да ја создадат новата легура, истражувачите ги комбинираа елементите на атомско ниво за да створат нова мултифероична легура направена од никел, бакар, манган и силициум, комбинација која дава необични еластични, магнетни и електрични својства. Тие ја добија оваа нова легура подложувајќи ја на процес во кој преминува од една во друга тврда состојба. Во оваа фаза легурата претрпува промени на своите магнетни својства кои потоа се искористени за правење на уредот за преобразба на топлина.
При лабораториски експеримент тимот забележал дека нивната легура станува магнетна при загревање. Кога тоа се случува, материјалот ја апсорбира топлината и спонтано индуцира електрична енергија во калемите поставени околу неа.
-Ова истражување ги надминува сите граници на науката и инженерството. Тоа вклучува инженеринг, физика, хемија, материјали, математика и повеќе. За тоа беше потребно сите ние на Факултетот за наука и инженерство на универзитетот да работиме заедно и да размислуваме на нов начин – истакнува проф. Џејмс.
Иако легурата е се уште во рана фаза на развој, од тимот нагласуваат дека материјалот може да најде голема примена за искористување на отпадната топлина кај издувните системи кај колите (ауспухот). Тоа значи дека издувните гасови би го загревале материјалот кој притоа би произведувал електрична енергија која би се користела за полнење на батериите кај хибридни автомобили. Исто така, може да се употребува и за искорисвотување на топлината кај индустриски капацитети и термоцентрали, како и да се користи разликата температурата во океаните за производство на струја.