Потребата од чиста енергија е универзален проблем кој допира до целото човештво и како таков е еден од приоритетите на голем број земји кои имаат вистинско разбирање за проблематиката. Еден од главните механизми кои се обраќаа на решавање на овој проблем беше Протоколот Кјото на чија имплементација се потрошени огромни суми на пари, додека за ефектите допрва треба да се прават анализи. Проценките се дека досега во светот се потрошени над 1500 милијарди $ за изработка и имплементација на Кјото протоколот што се големи средства и во светски рамки.
Еден сосема друг приод кон решавањето на светскиот недостиг на енергија е нуклеарната фузија. Нуклеарната фузија, ни од далеку не е толку медиумски експлоатирана како имплементацијата на Кјото протоколот, а сепак може од корен да ги реши глобалните проблеми. Тоа е проект за кој тешко се наоѓаат информации од прва рака или пак може да се види за што станува збор на насловна страна на некое списание. Во научно-истражувачките кругови тој проект е познат како ИТЕР проектот. ИТЕР е кратенка од: Интернационален Термонуклеарен Експериментален Реактор. Имено станува збор за исполнување на условите за одвивање на контролирана фузиона реакција.
Фузионата енергија нема нус продукти. Нема радиоактивен отпад и нема опасност од хаварија, така што доколку не се исполнети условите за фузија, реакцијата се прекинува. При фузиона реакција две лесни атомски јадра на деутериум и трициум се спојуваат и формираат едно потешко хелиумово јадро притоа ослободувајќи еден неутрон и големо количество на енергија која всушност е истата онаа што ја емитираат сонцето и ѕвездите.
Што всушност претставува ИТЕР?
ИТЕР е “токамак” уред. “Токамак” е назив за уред која создава екстремно јако магнетно поле со чија помош физички се создава простор (полигон) за одвивање на процесот на фузија. Постојат и други концепти (стеларатор) кои ја прават изводлива фузионата реакција, но засега “токамак” уредот е најкористен. Главната цел на ИТЕР е создавање на стабилна плазмена средина со торусен облик, со чија помош ќе се обезбеди долготрајно производство на фузиона енергија за мирољубиви цели. За почеток ИТЕР би требало да произведе повеќе енергија отколку што ќе троши, или гледано преку параметар на искористеност, доколку односот на добиената енергија е од 5 до 10 пати поголем од вложената, ИТЕР би можел да ги даде сите неопходни технички податоци за понатамошна изградба на исплатлива електрана.
Вистинскиот бенефит од овој проект доколку се покаже како успешен, ќе се почуствува најрано околу 2050г. Доказ дека сево ова е сериозна работа, е тоа што паралелно со овој проект се планирани негови следбеници (DEMO,IFMIF) кои се во фаза на градба и во кои ќе се имплементираат искуствата од ИТЕР. Предвидувањата се дека доколку ИТЕР би бил успешен, вистинскиот реактор би имал 6 пати поголем капацитет за производство на електрична енергија. Ако се земе во предвид дека предвидената инсталирана моќност на ИТЕР е 500 МW, лесно се заклучува каков импакт врз начинот на живот ќе имаат електраните од овој вид во иднина.
Засега само Северна Кореја тврди дека успешно покренала нуклеарна фузија. Се разбира тешко дека некој ќе го свати тоа сериозно со оглед дека таму немаат доволно енергија за осветлување на сопствената земја. Сепак тоа што другите не ги сваќаат сериозно не ги спречи да по повод тоа нивно достигнување да прогласат државен празник – “Ден на сонцето”.