Во градот Фалон,Невада, САД, е пуштена во употреба првата централа во светот која работи на принципот на комбинирање на геотермалната и соларната енергија. Централата Stillwater е со инсталирана моќност од 59 MW, доволно за напојување на 50000 домаќинства.
-Како прв капацитет од ваков вид во светот, овој проект најдобро демонстрира како можеме најефикасно да ги искористиме обновливите извори на енергија со цел да обезбедиме чиста енергија за домаќинствата и претпријатијата – истакна Стивен Чу, американскиот секретар за енергија за време на отворањето на објектот.
При изградбата на централата Stillwater на инвеститорот му биле доделени 40 милиони долари помош, како дел од американскиот Закон за закрепнување и реинвестирање, кој има за цел да им помогне на претприемачите да закрепнат од рецесијата.
Според една студија на Националната лабораторија за обновлива енергија, работата на проектот довела до отворање на 75000 работни места на национално ниво, како и 44 милијарди долари бруто добивка.
Сегашниот објект е изграден врз веќе постоечка геотермална централа со моќност од 33MW. Како поткрепа на веќе постоечкиот систем, во близина на геотермалната постројка биле инсталирани над 89000 поликристални фотонапонски панели со вкупна моќност од 26MW.
Според Enel, компанијата која ги постави панелите, само од фотоволтаичните панели ќе се генерира над 43 милиони киловат часови електрична енергија, доволно за снабдување на 16000 домаќинства, со што би се избегнала емисија на околу 30000 тони јаглерод диоксид во воздухот.
Со комбинирањена соларната и геотермалната енергија, централата Stillwater ќе биде во можност постојано да испорачува електрична енергија на мрежата. Имено, геотермалниот дел од постројката ќе ги надополнува варирањето на енергијата од соларниот дел, кој е подложен на временски услови, како и за време на ноќта.