Енергетска ефикасност е доста раширен и развиен концепт во ЕУ. Енергетската политика e различна во секоја земја членка на ЕУ, но самата Унија сè поинтензивно работи на формирање на заедничка Европска енергетска политика каде ЕУ својата енергетската политика ја креира врз основа на два плана. Првиот план е внатрешен план, преку зајакнување на регулативата, либерализација на пазарот, на неговото сè подобро поврзување, низ мерки на зајакнување на енергетската ефикасност и на сè поинтензивно користење на обновливи видови на енергија. Другиот план се однесува на сè подобро поврзување со своите снабдувачи на енергија пред сè со Руската федерација како најголем снабдувач на природен гас, како и на диверзификација на изворите на снабдување.
„Секоја енергетска политика, без разлика дали е таа национална или европска, мора да реализира три принципиелни цели во исто време: безбедност, борба против климатските промени и економски раст. Не може да се избира помеѓу овие три мерки или да се фаворизира една спрема друга“, напиша Клод Мандил (Claude Mandil), поранешниот претседател на Меѓународната агенција за енергија, во препораката на француската Влада пред нејзиното претседателство на ЕУ во првото полугодие на 2008 година[12].
ЕУ своето постоење го припишува на енергијата. Формирањето на Заедницата за јаглен и челик 1951 год. произлезе од намерата за обединување на 6-те земји (Франција, СР Германија, Италија, Белгија, Холандија и Луксембург) преку заедничката контрола на производство на јаглен и челик. По овој договор, следеа преговори за Договор со Европската економска заедница склучен во Рим во 1957 год. Овој договор е попратен со Договор за Агенција „Еуроат“, која ги регулираше прашањата во врска со нуклеарната енергија. Кризата во Суецкиот канал и прекинот во снабдувањето со нафта, ја стави тогашната заедница во дилема и со прашање дали покрај јаглен и челик, треба да се направи и рамка за нафта. Така во 1962 година се предложи текст на енергетската политика на Заедницата, но покрај различните интереси на земјите членки на Заедницата, не се постигна договор. Нафтената криза во 1973 година, поради ембаргото на ОПЕК, резултираше со формулација на „заедничкиот настап во енергетската политика“ во соопштението од самитот на Европската заедница во Копенхаген на крајот на 1973 година.
Долга низа на години по формирањето на ИАЕ, ЕУ беше посветена на внатрешните реформи и на изградба на институции, од што големото внимание беше посветено на влијанието на производството на енергијата врз животната средина. Паралелно со тоа Брисел покрена низа програми за развој на технологии во енергетика, посебно во врска со енергетска ефикасност и обновливи видови на енергија. Наредниот чекор беше потпишување на Договор за енергетска повелба, со намера да се прошири енергетска соработка со земјите од Источна Европа. Иако уште во 2000 година беше објавена прво Зелена, а потоа и Бела книга за енергија, со намера да се покрени изградба на широка, интегрирана платформа за политика во енергетика, сè до 2005 година на неформалниот Европски Совет во Хемптон Корт (Hampton Court) дојде до позначаен напредок. Во еден од заклучоците Комисијата на ЕУ беше повикана да ја состави Зелената книга, со нови иницијативи и пристап кон енергетската политика на ЕУ. Не долго после тоа дојде до спор помеѓу Русија и Украина во 2006 година за транспорт на гасот, кој ѝ покажа на ЕУ колку е ранлива и енергетски зависна. Се потврди дека кризите во снабдувањето со енергија се главни раздвижувачи на промените и договорите за заедничка енергетска политика на ЕУ.
„Зелената книга претставува нов почеток за енергетска политика во Европа“, се зборови со кои комесарот за енергија Андрис Пибалгс (цитат: од Andris Pibalgs “A common Energy Policy for Europe”, говор на конференцијата „Енергетска политика на ЕУ и право“, Брисел, 9 март 2006) го најави објавувањето на овој документ, како еден вид на манифест за заедничка европска енергетска политика. Додаде и дека „означува вистинска промена на правецот и покажува дека енергијата е вистинско глобално прашање, а предизвиците со кои се соочуваме можат да се решат на глобално, како и на Европско ниво“. Воведната оценка во Зелената книга е дека ЕУ влезе во „нова енергетска ера“, одбележана со големи предизвици.
Како илустрација го предочуваме следниот факт. Енергетската зависност на ЕУ во наредните 20-30 години ќе се зголеми од сегашните 50% на 70%, и најмногу ќе зависи од снабдување од енергетски нестабилни региони. Половина од целиот увоз на природен гас доаѓа од само три држави: Русија, Норвешка и Алжир, и врз основа на досегашните светски трендови потребата за увоз на природниот гас ќе порасне во наредните 25 години за 80%. Исто така, присутен е тренд на пораст на цените на нафтата и нафтените деривати. Цената на нафтата се зголеми за двапати во последните неколку години. Покрај овој тренд, присутен е трендот на диверзификацијата на побарувачката на нафта и гас, и тоа огромна побарувачка е во земјите Кина и Индија. Исто така, Европа се соочува и со негативни последици од страна на климатските промени. Во врска со климатските промени, се предвидува дека доколку се исклучат мерките за намалување на емисијата на гасови до крајот на овој век ќе се покачи просечната температура од 1,6 – 5,8 степени Целзиусови, што може да има големи негативни влијанија на стопанството и екосистемот. Така, ЕУ не успеа да го заокружи единствениот, конкурентен енергетски пазар кој сам по себе го овозможуваше стабилното и безбедно снабдување со енергија и нивни пониски цени.
Европскиот совет во март на 2007 година врз основа на Зелената книга, донесе Акционен план за период од 2007 – 2009 година. Тоа беше по прв пат Совет на ЕУ како прва тема на редовната пролетна седница да ја дискутира енергетска политика. Се работи за целосен „енергетски пакет“ кој ги покрива трите области на енергетската комисија:
- Безбедност на снабдувањето
- Заштита на животната околина
- Пазар на енергија
Основната цел на пакетот е нова енергетска политика за Европа. Според комесарот за енергија Андрис Пибалгс (цитат на Andris Pibalgs “Energy and Climate Change”, говор на конференцијата во Париз, 31 мај 2007, пакетот означува „ништо помалку него нова индустриска револуција во Европска енергетска политика). Оваа цел позната е и како „ 3 (три) пати 20 до 2020“. Имено, се работи за цели од областа енергетска ефикасност (зголемување за 20%), користење на обновливи извори на енергија (зголемување за 20%) и намалување на емисијата на гасовите исто така за 20%.
Тоа се три основни столба на новата енергетска политика на ЕУ. Пред сè, тоа е формирање на интегрален внатрешен пазар – негово зајакнување, како од аспект на конкурентност така и низ аспект на одрживост, како и безбедност на снабдувањето. Значи се прави дистинкција помеѓу снабдувањето и производство на енергија од една страна и нејзината дистрибуција од друга страна. Другиот столб на енергетската политика е производство на енергија со што пониска емисија на CO2. Зголемување на енергетската ефикасност е трет столб на енергетската политика. Практично се работи за штедење на енергијата и нејзината рационална употреба. Доколку се реализира оваа цел ЕУ до 2020 година ќе користи 13% помалку енергија во споредба со 2006 година. Методите и средствата за реализација на оваа цел се различни, како користење на поекономични мотори со внатрешно согорување, поефикасни уреди за домаќинства, унапредување на изолацијата на станбени и деловни објекти, како и поголема ефикасност во дистрибутивниот систем.
Текстот е дел од магистерскиод труд на мр. Игор Георгиев