Градот под Пелистер се соочува со ужасна статистика: неделно откриваат по 2 случаја на болни од рак на бели дробови
АНЕТА БЛАЖЕВСКА
Битола – Загадениот воздух стана една од најжешките политички теми во градот откако медицинскиот биланс откри дека во Битола неделно се појавуваат по двајца новозаболени од рак на бели дробови. Веднаш почнаа дискусиите за загадениот воздух и за рамнодушниот однос кон тоа од страна на надлежните органи. Битола со децении е окована со најразлични отрови во воздухот.
Битолчани кои имаа можност за празниците да отидат на Пелистер велат дека градот не се гледа од сивите облаци, додека Баба Планина се капе во сонце. Според податоците од мерењата што ги спроведува Министерството за животна средина, за Божик битолчани дишеле воздух со концентрации на отровни честички 10 на 400 милиграми на кубен метар воздух, што е осум пати над дозволеното. Само во првите 8 дена од годинава, дури 5 дена воздухот бил загаден со ситна прашина над пропишаните дозволени параметри.
Ветерот и ситниот дожд деновиве успееја многу малку да го разбистрат небото над Битола, но не и дилемата каков воздух дишат битолчани и која е најголемата причина за огромното загадување кое се повторува со години наназад и кое остава штетни последици врз здравјето на битолчани и пошироко. Печките на дрва и старите возила се најчестите извори на ситната прашина, која ја има во загрижувачки количини во битолскиот амбиентален воздух. На ова предупредува Програмата за подобрување на квалитетот на воздухот во Битола, која на крајот на минатата година беше прифатена од битолскиот општински Совет. Според податоците во неа, годишно од оџаците и возилата се испуштаат околу 37 тони ситна прашина, која длабоко продира во респираторниот систем на луѓето. Годишната граница за зголемени вредности на ситна прашина е 35 дена, а лани Битола имаше над 120 дена со концентрации над дозволени граници.
Битола има 26.000 домаќинства, а 85 проценти од нив се греат на дрва откако згаснаа котлите со парно греење пред седум години. Годишната потрошувачка на дрва изнесува 22.000 тони со чие согорување се испуштаат 28 тони РМ10.
Во сообраќајот над 55 проценти од моторните возила во градот се постари од 10 години, а автобусите повеќе од 18 години. Тие годишно емитираат високи 6,7 тони суспендирани честички. Концентрациите се повисоки во зимските месеци.
„Во Битола претежно се користат печки на тврдо гориво, јаглен и дрва, па низ оџаците се испушта чад и пепел. Центарот на градот е како во дупка, улиците се тесни и нема провев, возилата се стари. Загадувачките супстанции дејствуваат надразнувачки на горните дишни патишта, а потоа на нив се лепат инфекции“, предупреди неодамна д-р Марика Ивановска, специјалист по хигиена во Центарот за јавно здравје во Битола.
За загадувањето придонесуваат и индустриските капацитети, иако во анализите на надлежните служби нема многу материјал за тоа кои капацитети се загадувачи.
И на трибината со наслов „Влијанието на загадувањето во Битола“, која неодамна се одржа на Славјанскиот универзитет во Битола, м-р Христина Томовска рече дека суспендираните честички се јавуваат како резултат на издувните гасови што доаѓаат од автомобилите, но и поради согорувањата од дрвата. Всушност, според неа, најопасните честички за човековото здравје се производ на секојдневните потреби на човекот.
Во исто време, битолчани ги тишти една друга реалност. Битолски онколози тврдат дека во градот секоја недела се регистрираат најмалку по двајца пациенти заболени од белодробен карцином. Каков воздух дишеме, такво здравје имаме, велат лекарите, потенцирајќи дека без разлика во каков облик се аерозагадувачите во воздухот, тие влијаат врз здравјето.
„Од аерозагадувањето најчести се заболувањата на респираторниот систем, потоа кардиоваскуларните, на ниво на срце и циркулација и, на крај, малигните заболувања“, тврди д-р Рената Раденков, специјалист по радиотерапија и онкологија во битолската болница.
Податоците што ги обелоденува докторката се шокантни. „Најголемата причина за смртност од малигните заболувања во светот е белодробниот карцином. И кај нас во Македонија имаме многу голем број заболени од рак. На неделно ниво, на моето одделение понеделнички можеме да регистрираме минимум двајца заболени од белодробен карцином“, вели онкологот Раденков.
Загадувањето на воздухот во Битола стана и една од најжешките политички теми во градот. Опозиционерите, повикувајќи се на официјалните информации од Министерството за животна средина за тоа каков воздух дишат битолчани оваа зима, апелираат дека загадувањето е на критично високо ниво на периоди и до 20 пати над дозволеното. Овие податоци ги покажува мерната станица Битола 1, која се наоѓа на периферијата од градот, бидејќи таа во строгиот центар не работи повеќе од две години. Значи, битолчани немаат точен податок каков е квалитетот на воздухот токму во централното градско јадро.
„Застрашувачки е податокот дека точно пред две години загадувањето било 20 пати повеќе од дозволеното. И денес, во почетокот на јануари, Битола се’ уште се задушува, а власта не презема ништо. Бараме конкретен одговор од локалните власти каков воздух дишат битолчани? Кои се загадувачите на амбиенталниот воздух во Битола?“, праша Васко Ковачевски, претседател на СДСМ во Битола.
Но, одговорот е во најмала рака зачудувачки. „Локалната самоуправа нема надлежности врз божјите сили“, вели градоначалникот Владимир Талески.
„Тие од политичка партија се претворија во инспекција која деноноќно ја дува маглата од Битола, заборавајќи дека локалната самоуправа нема големи надлежности врз божјите сили“, рече Талески.
Претседателот на Советот на Општина Битола, Силвана Ангелевска, вели дека во два наврата на седниците на Совет се дискутирало за загадувањето, по што е донесен правилник со одредени мерки што треба да се спроведат во општината.
„Ваквата театралност навистина не можам да ја разберам. Сите сме загрижени за загадувањето. Тоа е проблем со кој се соочуваат и многу други градови во светот. Ако опозицијата има решение, нека го понуди конкретно. Можеби ќе го патентира, па и другите градови од светот ќе го искористат тоа“, рече Ангелевска.
Од обична настинка до карцином
Јасмина Ј. Вељановска
Воздухот загаден со ПМ-честичките може да испровоцира кај луѓето обична настинка или грип, а доколку се вдишува со месеци и години, тие може да навлезат во крвта и да ги оштетат и внатрешните органи, па дури и да станат главна причина за појава на карцином на белите дробови.
На ова укажуваат стручњаците по јавно здравје, но и пулмолозите. Тие, сепак, се едногласни дека први на удар на загадениот воздух, секако, се дишните патишта, односно носот и грлото, преку кои честичките се вдишуваат, па потоа доаѓаат белите дробови. Доколку овие честички, посебно оние со помала димензија од 2,5 микрометри, преминат во крвта, тогаш доаѓа до оштетување на крвните садови и внатрешните органи. А кој орган ќе биде погоден од загадените честички е индивидуално.
Тоа, пред се’, зависи од видот на загадените честички, имунитетот на самиот организам на човекот и дали тој боледува и од некоја болест. Но, без разлика дали човекот е хронично болен или здрав, загадувањето најчесто го напаѓа најосетливиот орган на човекот. Кај некои тоа се синусите, кај друг грлото, кај трети белите дробови, крвните садови, срцето. Затоа пулмолозите укажуваат дека може да се активираат алергии, да се добијат напади на задушување, стегање во градите, покачен крвен притисок, срцето да работи забрзано.
Сепак, најмногу на удар се астматичарите и болните со ХОББ, а не помалку и пациентите со срцеви болести и прележан срцев и мозочен удар. „Честичките директно влијаат на дишењето, со што доаѓа до задушување и до намалување на функцијата на белите дробови, а со тоа и срцето добро не работи. Честичките знаат да ги активираат и алергиите на домашна прашина, па се јавува задушување и кашлање“, истакнуваат пуломолозите.
Честичките дејствуваат на тој начин што се лепат за дишните патишта и предизвикуваат оштетување на слузокожата на носот и на дишникот, а на нив полесно се закачуваат вирусите и бактериите, што предизвикува почести настинки и инфекции на дишните патишта.
И д-р Гордана Кузмановска, раководителка на Секторот за контрола и следење на заразни болести од Институтот за јавно здравје, вели дека загадувањето е дополнителен фактор за зачестените инфекции на носот и на грлото, но и на појава на грип. Тоа се потврдува и со тоа што за само една недела се пријавени околу 370 болни со симптоми на грип и околу 20.000 со настинки. Д-р Кузмановска вели дека зголемениот број грипозни и настинати се должи на тоа што грипот е сезонско заболување со циклични и непредвидливи движења, за што влијание имаат повеќе фактори, меѓу кои климатските услови, индивидуалниот имунитет, групните средби, блиските контакти, затворените простории.
За луѓето се поопасни честичките со 2,5 микрометри, велат познавачите. „Овие честичките може да навлезат до долните дишни патишта и потоа да преминат преку крвта до сите органи во телото и да ги оштетат“, вели д-р Михаил Кочубовски, раководител на Секторот за здравствена екологија од Институтот за јавно здравје.
Сепак, никој не може точно да каже по колку време изложеност на актуелното загадување доведува до посериозни последици врз здравјето, како што се оштетување на внатрешните органи, но и појава на белодробен карцином. Но, факт е дека колку подолго трае ова загадување, толку здравствениот ризик се зголемува. Затоа, лекарите велат дека треба да се почитуваат мерките, што значи без поголема потреба да не се излегува надвор, да се носи шал преку устата и носот, што посебно важи за децата. А секој што има можност да излезе на прошетка во планина.
Извор: Утрински весник