Привршува монтажата на фотоволтаичните ќелии на површина од 9.000 квадратни метри
Иван Бојаџиски
Штип – Првата поголема фотоволтаична централа во Македонија, која сончевата енергија ја претвора во електрична, ќе почне со работа во текот на август. Штипската фирма „Актива“, чие проектантско студио го изработи проектот, ја привршува монтажата на фотоволтаичните ќелии на површина од 9.000 квадратни метри. Централата е лоцирана во близина на Штип на девет километри од патот кон Радовиш. Инвеститор е штипската компанија „Мавис“, која има разгранета стопанска дејност.
„На проектот и монтажата на челичната конструкција, а подоцна и на монтажата на фотоволтаичните ќелии, со мали прекини, работиме од август минатата година. Тоа е една новост кај нас што започна да предизвикува внимание во еден дел од бизнис-заедницата. Кај нас доаѓаа и бизнисмени од соседна Бугарија, земја што е отидена многу понапред во искористувањето на енергијата на сонцето за производство на електрична енергија. Тие пројавија интерес на ова поле да работиме и кај нив. Треба да се има на ум дека нашиот сосед веќе има инсталирано електрични централи на сончева енергија од кои добива сто мегавати и дека во тек на изградба се сончеви централи за производство на уште 200 мегавати електрична енергија“, вели Зоран Николовски од „Актива“.
Штипската централа на сончева енергија е со моќност од еден мегават. Таа ќе биде вклучена во државниот електроенергетски систем. Според договорот на инвеститорот со МЕПСО, ако централата биде пуштена до крајот на септември инвеститорот ќе добива цена од 0,38 центи по киловат произведена струја, а ако централата проработи по тој период цената се намалува на 0,26 центи.
„Македонија има над 260 сончеви дена во годината, што е огромен, но неискористен природен потенцијал. Како држава имаме обврска со влезот во ЕУ, најмалку 20 проценти од домашните потреби на електрична енергија да ги обезбедуваме од алтернативни обновливи извори. Тука, пред се’, се мисли на сонцето, ветерот, биогасот и геотермалните води. Сонцето е нашиот најголем потенцијал и ние упорно работиме на проекти од оваа област бидејќи сме убедени дека еден близок ден многу наши бизнисмени ќе инвестираат во овој сектор и од тоа ќе профитираат“, вели Николовски.
Штипски „Мавис“ пред две години на покривот од својата деловна зграда постави фотоволтаици од кои сега добива 250 киловат-часа електрична енергија.
Во источниот дел на Македонија, од 2006 година наваму доаѓаа многу бизнисмени од петнаесетина европски држави со идеја за искористување на алтернативните, обновливи еколошки извори на електрична енергија. Најголем интерес имаше за инсталирање полиња на ветерници. Најголемото ветување дојде од израелско–англиската компанија ЕИЏ, чиј прв човек Дејвид Браун во 2008 година во Свети Николе изјави дека на потегот од Свети Николе, преку Штип, Радовиш, Струмица, па се’ до Богданци ќе вложат една милијарда евра. Браун и тогашниот градоначалник Слободан Даневски дури и потпишаа преддоговор за инсталирање на 90 ветерници во атарот на Овчеполието, кои, според Браун, ќе обезбедувале 200 мегавати електрична енергија. За ветерниците беше речено дека ќе бидат готови за шест месеци, но оттогаш досега не се случи ништо, а нема никакви најави ниту за инвестицијата од милијарда евра за која зборуваше Браун.
Според извор, кој во изминатите пет години имал многу контакти со странците за инсталирање ветерници и фотоволтаици во овој регион, странците нема да инвестираат поради законската нерегулираност на оваа област. „Кај нас не се знае ништо. Ниту на колку години се добива концесија бидејќи мислењата се менуваат дневно, ниту по која цена ќе се откупува електричната енергија од алтернативните извори каде што постојано се кажуваат различни бројки“, вели нашиот извор.
Преземено од: Утрински Весник