Истражувачите од Универзитетот во Саутемптон, во здружен проект со REAPsystems, компанија за производство на литиумски батерии, работат на дизајнот на нов вид на батерии кои имаат потенцијал да ја подобрат ефикасноста и да ја намалат цената на чинење на соларната технологија.
Истражувачкиот проект, спонзориран од страна на REAPsystems, се занимаваше исклучиво со употребата на литиумски батерии како уред за складирање на енергија во фотоволтаичните системи. Моментално најискористен вид на батерии кај фотоволтаичните системи се класичните оловни батерии со киселина. Но, литиумските батерии кои истражувачите на проектот ги користеле, посебни литиум железо фосфатните (LiFePO4), се покажале како многу подобри за ваков вид на примена.
Податоците биле собрани на тој начин што една LiFePO4 батерија била поврзана на фотоволтаичниот систем монтиран на една од зградите на универзитетот, а со помош на посебен систем за контрола направен од REAPsystems. Притоа, се покажало дека литиумската батерија има ефикасност од околу 95%, додека обичните оловно-киселински батерии кои се во комерцијална употреба денес достигнуваат до 80% ефикасност. Исто така, литиумските батерии се многу полесни од оловните, а имаат и подолг век на траење од оловно-киселинските со 1600 циклуси на полнење и празнење, што значи дека нема да има потреба од честа замена на батериите.
Иако ќе треба да се извршат дополнителни истражувања пред овие батерии да бидат вградени во некоја соларна централа или резиденцијален фотоволтаичен систем, сепак, од досегашните истражувања може да се види дека LiFePO4 батерии имаат потенцијал да ја поевтинат изградбата на фотоволтаични соларни системи, да ја подобрат нивната ефикасност, како и да го олеснат одржувањето. Споредено со оловните батерии, литиумските се полесни, поефикасни, имаат подолг век на траење и помала цена по единица, што значи дека можат да имаат голема примена не само кај фотоволтаичните, туку и кај другите системи на обновлива енергија.