Енергетската ефикасност е можност за македонските бизниси, бидејќи може да ги намали трошоците на работење, но и да креира нови бизниси и нови работни места во Македонија, смета првиот човек на „ЕВН-Македонија“, Вернер Хенгст
Конкуренцијата и борбата за освојување повеќе пазари преку квалитетни и евтини продукти ги тераат компаниите да бараат начини како да ја зголемат ефикасноста. Соочени со зголемените трошоци за енергенти, голем дел вложуваат во мерки со кои ќе ја подобрат енергетската ефикасност.
– Имаме повеќе проекти за подобрување на енергетската ефикасност, почнувајќи уште од 2001 година, кога ја заменивме електричната со хемиска енергија, со што за кратко време, иако го зголемивме производството, ги намаливме трошоците за струја. Вредноста на инвестицијата изнесуваше околу 900 илјади евра, со годишно производство околу 250 илјади тони. Потоа реализиравме уште еден проект во 2009 година, со кој ги осовременивме трансформаторот и регулацискиот систем и хидрауличниот систем. Тоа овозможи зголемување на производството до 60 отсто и намалување на потрошувачката на електрична енергија за 1,2 отсто по тон. Инвестицијата изнесуваше 11 милиони евра, а со неа заштедувавме на годишно ниво околу 150 илјади евра со просечно производство од 250 илјади тони – посочи Драган Мијалковски, претставник на „Макстил“, посочувајќи дека исто така набавиле и нова печка со која е зголемена продуктивноста на производството, а намалена потрошувачката на електрична енергија, со која во првите три години ги намалиле трошоците за 4,5 милиони евра.
Секако, од компанијата додаваат дека во иднина се планира нов инвестициски циклус, со кој ќе бидат вложени 4 милиони евра, а се очекува заштеда од половина милион евра на годишно ниво.
– Конкуренцијата што е присутна на пазарот наметна потреба од висок квалитетот на производите, а во исто време намалување на трошоците за производство. Принудени сме да правиме производи со висок квалитет а пониска цена на чинење. Бидејќи во групата на трошоци на чинење на производот влегуваат и трошоците за енергија, особено за електрична енергија се посветува големо внимание, насочени сме кон инвестициски вложувања со кои, освен подобар квалитет, ќе ги намалиме и трошоците за енергенти по единица производ – додаде Мијалковски при своето обраќање на работилницата за унапредување на енергетската ефикасност кај претпријатијата организирана од ЕВН и од Министерството за економија во рамките на „Платформата за енергетска ефикасност“.
Поголем профит
Целта на работилницата е компаниите да ја зголемат примената на енергетската ефикасност во своето работење и да станат поефикасни и поконкурентни.
– Една од нашите главни цели е зголемување на профитот, па нормално е да бараме начин како да ја подобриме ефикасноста и да ги намалиме трошоците. Енергентите во вкупните трошоци учествуваат со 6 отсто, па за нас енергетската ефикасност е значајна, бидејќи со намалување на трошоците се намалува и цената на чинење на крајниот производ. Тоа нѐ прави и конкурентни на пазарот, ја зголемивме и продажба, а придонесуваме и во заштитата на животната средина – вели Тања Најденовска од секторот за финансии на компанијата „Европа“.
Таа посочува дека за зголемување на енергетската ефикасност набавиле нова опрема, чија ефикасност во работењето е 95,6 отсто, како и други инвестиции.
– Инвестиции ги реализиравме со поддршка на фондови, а вкупната цена на проектот е 974.598 евра, додека кредитот 970 илјади евра. Исто така, од Европската банка добивме грант од 15 проценти за инвестицијата, кој изнесуваше 155.789 евра, со што средствата од вкупната инвестиција ги вративме за три години и осум месеци – посочи Најденовска.
Меѓу другите кондиторски компании од Македонија што во изминатиот период вложувале во зголемување на енергетската ефикасност и кои имплементирале дел од принципите е и „Витаминка“.
– Инвестиравме во замена на осветлувањето, при што постојните светилки ги сменивме со сончеви, со што постигнавме 100 отсто заштеда прекуден. Ние инвестиравме 10 илјади евра, а заштедата достигнуваше околу 60-70 отсто. И во друг погон ги сменивме старите светилки и заштедивме над 2.000 киловати електрична енергија. Надворешното осветлување го заменивме со лед-осветлување, каде што потрошувачката на струја од 40 киловати се намали на 5-8 киловати, со што имаме намалување околу осум пати на електричната енергија – истакна Љупчо Ивановски, управител на одделот за одржување при „Витаминка“, кој посочи дека во план е инвестиција во геотермална енергија за која веќе се почнати некои од активностите и со која се планира поврат на средствата за три и пол години.
Сите можат да ја зголемат енергетската ефикасност
Покрај искуството на компаниите, свое видување искажаа експерти од академската заедница и претставници од финансиски институции.
– Не постои компанија што не треба да вложува во подобрување на енергетската ефикасност. Секогаш може да се подобри процесот за да се намалат трошоците. Според мене, струјата не смее да се користи за загревање, туку за моторите во индустријата и другите потреби во домаќинствата. Во Македонија се вложува трипати повеќе отколку што се произведува, при што 80 отсто од произведената струја е од термоцентралите, а РЕК „Битола“ работи само со 30 отсто ефикасност. Новата термоцентрала „ТЕ-ТО“ има 50 отсто ефикасност, а „Когел“ 45 отсто. Ова покажува дека секаде може да се зголеми ефикасноста, па дури и кај РЕК „Битола“, каде што има најави за пренамена во когенеративна електроцентрала со која ќе се искористува и топлинската енергија – кажа професорот Константин Димитров, според кого подобрувањето на енергетската ефикасност е можно речиси во сите објекти.
Министерот за економија Ваљон Сарачини посочи дека примената на енергетската ефикасност во работата на претпријатијата директно ќе придонесе за намалување на трошоците и подобрување на конкурентноста на компаниите на домашните и на странските пазари.
– Министерството и понатаму активно ќе работи кон унапредување на законодавството според новите потреби и ќе го поддржува македонскиот бизнис-сектор преку сите расположливи механизми, во насока на подобрување на неговата конкурентност – рече Сарачини.
Претседателот на управниот одбор на „ЕВН-Македонија“, Вернер Хенгст, посочи дека енергетската ефикасност е голема можност за македонските бизниси, бидејќи може да ги намали трошоците на работење, но и да креира нови бизниси и нови работни места во Македонија.
Автор: П.Т.
Извор: Нова Македонија