При заедничко истражување на Rice University од Хјустон, Тексас и Tsinghua University од Пекинг се дошло до откритие дека јаглеродните наноцевки можат да бидат поевтина и поефикасна замена за платинестите електроди кај DSC (dye-sensitized cells) тенкослојните соларни ќелии.
Наноцевки со еден ѕид, произведени низ процес осмислен токму на Rice, се покажале како многу подобри и поевтини од платинестите, кои моментално се користат кај тенкослојните соларни фотоволтаични ќелии. Во комбинација со одреден проводник (сулфиден електролит) кој бил создаден од страна на истражувачите од Tsinghua, како резултат се добива поефикасна и поиздржлива соларна ќелија, и тоа по цена многу пониска од онаа на традиционалните силициумски фотоволтаични ќелии.
И на двата универзитети биле изработени функционални прототипи на ќелии од овие материјали и при тестирањата се добиле слични резултати, односно постигнале ефикасност на преопразба на енергија од 5.25%. Рекордот кај DSC ќелиите е 11%, со употреба на електролит од јод и платинести електроди.
Меѓутоа, платината е скапа и нејзината цена и понатаму ќе расте, а јодот ја апсорбира светлината во видливиот дел од спектарот, но и ги кородира металните материјали во ќелиите, што се главните причини за истражувачите да бараат замена за овие материјали. Според истражувачите на Rice, DSC не се толку ефикасни како силициумските соларни ќелии, но се многу полесни за изработка.
Кај DSC, органските бои ги апсорбираат фотоните од сончевата светлина и генерираат проток на електрицитет од полупроводничкиот титаниумски оксидпотопоен во електролит до електродите на ќелијата. Сулфидниот електролит развиен во Tsinghua работи многу подобро со наноцевките отколку јодиниот. Дополнителна предност на сулфидниот електролит е што апсорбира многу мало количество на видлива светлина, што овозможува повеќе фотони да бидат искористени за создавање на електрицитет на излезот на ќелијата.
-Ова се сестрани материјали, вели Jun Lou, истражувач на Rice University. „Наноцевките со еден ѕид одамна се присутни на нашиот универзитет и луѓето тука открија многу различни начини за нивна употреба. Ова што сега го правиме е само уште еден доказ за предностите на оваа технологија“.
Истражувачите истакнуваат дека продолжуваат со понатамошни испитувања, со цел да се подобри ефикасноста на соларните ќелии.