Насекаде низ светот се вршат истражувања наменети за подобрување на карактеристиките и намалување на цената на фотоволтаичните ќелии, но многу малку внимание се посветува на начинот на поставување на панелите, кои обично се поставуваат во фиксна позиција на рамна површина, како покриви или тло, со цел да бидат насочени под прав агол кон сонцето.
Но, тим на истражувачи од MIT предлагаат малку поинаков пристап – правење на коцки или кули од фотоволтаични ќелии, давајќи им на ќелиите тродимензионална конфигурација. Со ваквиот пристап, од досега тестираните системи, истражувачите добиле неверојатни резултати – овие системи генерирале од 2 до 20 пати повеќе енергија отколку традиционалните рамни фотонапонски панели. Најдобрите резултати и зголемување на генерирана електрична енергија се добивало токму на оние места каде и е најпотребно – на места далеку од екваторот, во зима и на облачно време.
Истражувачите прво користеле алгоритам и компјутерска симулација за да ги истражат сите можни конфигурации и развиле софтверска алатка со која можеле да ги проверат сите можни комбинации на временски услови, локација и годишни времиња. За потврда на теоретски добиените резултати тие поставиле и тестирале три системи со различно поставени ќелии, врз покривот на една лабораторија на MIT.
-Мислам дека овој концепт може да стане важен дел од идниот равој на фотоволтаиците – вели проф. Џефри Гросман, главен автор на студијата.
Подобрувањата во јачината на излезната моќност, како и нејзината стабилност и постојаност, се резултат на способноста на модулите да примаат сончева светлина рано наутро, при зајдисонце и во зимските месеци, кога сонцето е поблиску до хоризонтот.
Иако овие тридимензионални панели ќе чинат многу повеќе од традиционалните, цената на произведената енергија од нив ќе се избалансира со тоа што имаат многу поголем коефициент на преобразба на сончевата енергија во електрична отколку обичните панели, како и тоа што даваат поконстантен излез. Токму оваа карактеристика на предвидливост и стабилност на генерираната електрична енергија ќе им овозможи полесно интегрирање во електричната мрежа.