Непосредно пред нова година ЕВН во Соработка со Министерството за економија ја промовираа платформата Размисли и Заштеди – кампања за подигање на свеста за енергетската ефикасност. Патем најавија и дека струјата ќе поскапува и дека треба народот да биди спремен на тоа. Се разбира тие ќе го едуцирале корисниците со кампања која ќе го научи како рационално да ја трошат електричната енергија. Прво честитки за нивната иницијатива и креативност сигурно дека од она што го видовме досега од кампањата Македонските граѓани ќе има што да научат и применат. Со оглед дека го презедоа тој товар на своите плеќи решив да бидам гласноговорник на една друга група на граѓани. Се работи за сите оние граѓани кои одбиваат да се покорат на препораките наметнати од големите корпорации и институциите. Да не должам многу па да бидам погрешно разбран (скраја такви работи) се работи за оние кои се заинтересирани да ги дуплираат своите сметки за електрична енергија. Така колку да има баланс на нивните силни напори се осмелив и напишав прирачник: 10 начини како да ја дуплирате вашата сметка за електрична енергија. Затоа сите оние заинтересирани за дуплирање на сметката за електрична енергија повелете уживајте. Во случај на зголемен интерес можно е и допoлнување на овој прирачник со повеќе совети како ефективно и повеќекратно да ја зголемите сметката за електрична енергија.
#1. Забрането пуштање на машина за перење на алишта, бојлер или приготвување на топли оброци во работни денови измеѓу 22 часот навечер и 7 часот наутро и за викенди секоја сабота после 22 часот до понеделник 7 часот наутро.
Препорачака: било кое друго време.
#2. Сијалиците со волфрамово влакно се најдобар извор на светлина.
Штедливите светилки се потполно непотребни и безкорисни. Да се избегнува користење на штедливи светилки по секоја цена посебно на ЛЕД светилки макар добиени на поклон или на наградна игра.
#3. Секогаш купување на апарати кои имаат ознака класа Ц на нив.
По секоја цена да се избегнува купување на апарати кои се со класа А. Тоа го прават само богатите кои ги купуваат само дека се поскапи и да покажат дека можат!
#4. Да се избегнува користењето на соларни панели, ветерници и секаков вид на обновливи извори на енергија.
Користењето на обновливи извори е измислица на Западниот свет и нема врска со Македонската реалност.
#5. Светилки кои светат во секоја соба.
Не ги карајте децата или постарите ако заборават некоја светилка да свети напразно. Впрочем која е поентата на светилките ако не светат цело време.
#6. Компјутери, телевизори, двд плеери и други апарати ако не се пуштени постојано да работат барем да бидат оставени на стенд бај.
Комплетно исклучување од напон на апаратите макар и кога сте на одмор е бесмислено и се коси со се што овој прирачник се обидува да постигни.
#7. Одмрзнување на ладилникот одвреме навреме е сосема непотребна работа.
Целта на фрижидерот е да лади и тоа што има големи наслаги на мраз значи само дека фрижидерот си ја брка работата како што треба.
#8. Зима/Лето треба да има цело време барем еден подотворен прозорец во собите за дневнен престој за подобра циркулација на воздухот.
Системот за ладење/греење лесно ќе надополни тоа што се губи низ прозорот.
#9. Полначи за телефон, лап топ, ајпад….треба секогаш да бидат приклучени на напон.
Така секојпат кога ќе се празни батериите можи одма да се приклучат на него. Со тоа нема заборавање каде е оставен полначот или кај да најдам слободен штекер.
#10. При купување на електричен бојлер да се гледа само да биди со поголема моќност (KW), топлинската изолација не е е воопшто битна.
Бојлер кој има грејачи со голема моќност ќе можи да ја загрее водата во рекордно време и тоа е факт кој неможи да се негира.
П.С. Доколку некој има некој добар предлог слободно пишете можеби ќе си го најди своето место во некое надградено и проширено издание на тоа како да ја дуплирате вашата сметка за електрична енергија.