Компанијата Експро од Струмица го изгради првиот објект, што троши само 15 KWh на квадратен метар, односно заштедува дури 90% од енергијата. Според пресметката на компанијата со изградбата на овој тип на објект со заштедата на енергијата, најбрзо ќе се вратат вложените средства во изградбата. “Македонскиот пазар е специфичен и често овде кај нас се гледа со недоверба во новитетите во градителството.
Економската моќ на просечните купувачи е помала и често е присутен е страв дека ако се згреши со изборот ќе немаат средства за поправка на евентуалната грешка. Пасивниот објект троши 20 пати помалку од неизолираниот, 12 пати помалку од стандардните. Од економската анализа која ја направивме за оправданоста на инвестицијата за нашиот објект се покажа дека вложените средства се враќаат за помалку од пет години“, изјави Славчо Ѓоргиев сопственикот на Експро од Струмица.
Објектот е целосно затворен и преграден со системите за сува градба на Кнауф, како и најсовремените системи на пасивно разладување и загревање на Рехау, со што ќе се постигне максимален ефект на штедење. Со изградбата на овој објект започнува нова насока за проектирање и изведба на објекти низ Македонија. “Никој од нас не е доволно богат, за да гради неквалитетно. Енергенсите се сè помалубројни и енергијата е сè поскапа. Според испитувањата, најголемите потрошувачи на енергија во светот се станбените објекти кои сумарно трошат повеќе од индустриските објекти и сите превозни средства во светот.
Објектот е проектиран и изграден по високите технички барања и стандарди за енергетска ефикасност почнувајќи од формата на објектот, ориентацијата, термичката заштита на обвивката, количината на отвори и други стаклени делови да обезбедат минимални загуби на енергија, како и добивки во летниот период“, објаснува Ѓоргиев. Со оглед на многу малата потрошена енергија за одржување овие објекти имаат најмала можна емисија на штетни гасови. Енергијата што се користи е од нивната околина и тоа е претежно пасивно користење на сончева енергија која е обновлива.
Преземено од: КАПИТАЛ