До септември ќе се знае колкав процент ќе се плаќа за исклучување од системот на „Топлификација“
Откако Регулаторната комисија за енергетика предизвика револт кај корисниците за парно греење со новиот правилник, сега велат дека прво ќе ги слушнат забелешките на сите инволвирани страни, а потоа ќе ги дефинираат правилата за исклучување од парно.
Инаку, според верзиите што излегоа во јавноста, и она што најмногу ги налути потрошувачите е тоа што доколку се исклучат од системот на „Топлификација“, ќе мора да плаќаат 50 отсто од сметките, а ако сакаат да се исклучат, тоа нема да можат да го направат поединечно без согласност на сите станари во зградата.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Димитар Петров вчера информираше дека правилниците во делот на топлинската енергија се во работна верзија и се очекува да бидат донесени до почетокот на новата грејна сезона, а дотогаш ќе ги слушаат забелешките од сите инволвирани страни. „До септември планираме да ги донесеме правилниците за условите за снабдување, за тарифниот систем и за цени, како и мрежните правила за операторот на дистрибутивниот систем“, изјави вчера Петров.
Според него, моделите во условите за снабдување се разработени во согласност со нивните согледувања за досегашниот начин на функционирање на пазарот на топлинска енергија, а користени се и искуствата од околните држави, како и од државите членки на ЕУ. „Ги користиме тие искуства како податок за да имаат можност сите заинтересирани страни да го дадат своето мислење во однос на текстот на условите за снабдување. Тоа не значи дека ќе ги имплементираме во нашите услови за снабдување. Процентот од 50 отсто од цената што треба да го плаќаат граѓаните кои се склучени од системот за греење функционираше до одлуката на Уставниот суд во февруари 2009 година и е ставен во работната верзија како тогашен процент. Тоа апсолутно не значи дека ќе биде усвоен, но сега не би можел да прецизирам колкав ќе биде процентот“, рече Петров.
Тој додаде дека граѓаните кои се исклучиле од системот за централно греење во Бугарија плаќаат 15 отсто од надоместокот за користење топлинска енергија. (Ек.Р.)
Извор:Утрински весник