Денеска започнува 38. Меѓународен саем на металургија, електроника, енергетика, неметали, градежништво, обезбедување и заштита – ТЕХНОМА. Саемот ќе трае до 20 октомври. На саемот се пријавени преку 200 учесници и преку 600 компании од Македонија и регионот.
Организирани национални претставувања ќе имаат 20 компании од Хрватска, 15 компании од Словенија и Грција и 10 компании од Бугарија. Овие компании го организираа своето претставување преку своите стопански комори. Штандовите на овие странски компании ќе бидат лоцирани во Метрополис арената.
Во рамките на саемот ќе бидат одржани неколку тркалезни маси и дискусии. Првата тркалезна маса ќе се одржи веднаш по отворањето на саемот и ќе биде посветена за можностите за поврзување и развој на малите и средни претпријатија. На оваа дискусија ќе биде присутен и ресорниот министер за економија Ваљон Сарачини.
Во четврток, Агенцијата за енергетика организира конференција за енергетска ефикасност на која ќе се дебатира за начините како да се заштеди енергијата кај големите компании.
Во рамките на саемската манифестација ТЕХНОМА 2012 ќе се одржи и Изложбата на пронајдоци – МАКИНОВА како и Саемот за занаетчиство и мало стопанство. На МАКИНОВА ќе бидат претставени околу 100 иновации и дизајн од кои 50 се трудови од младинското творештво а 50 се од регионот.
Исто така за време на траењето на саемот ќе се одржат работилници и презентации на кампањата Добра Идеја.