Најчесто при купувањето на нов уред за домаќинството, како фрижидер, електричен шпорет, машина за перење алишта или машина за миење садови, се водиме од неговата цена, потоа од неговата функционалност. Дури на крајот (најчесто и воопшто не) критериум за купување нѝ е потрошувачката на електрична енергија што ја прави уредот кој сакаме да го купиме.
Со купување на енергетски ефикасни електрични уреди, ако се има предвид дека 25-35% од потрошувачката на струја во домот е нивно „дело“, не треба многу да се заклучи дека сметките за струја значително ќе се намалат со заменување на старите уреди со нови, поефикасни, и покрај релативно повисоката цена на ефикасните уреди.
Во Европската Унија од поодамна е воведена класификација на електричните уреди според потрошувачката на електрична енергија, па и производителите сè повеќе работат на создавање на енергетски ефикасни апарати за домаќинство. Целта на енергетските класи, кои треба да бидат назначени на етикета на видно место на голем број производи од светилки, преку машини за перење до клима уреди, е да го информира купувачот за тоа колку апаратот ефикасно ја користи електричната енергија, односно за тоа колку апаратот троши електрична енергија.
Во согласност со политиката за интегрирање на Република Македонија во ЕУ, донесени се голем број на европски закони и правилници кои треба да го усогласат нашето законодавство и стандарди со европските. Така, во 2007 г. беше донесен и Правилник за означување на енергетска ефикасност на уредите за домаќинствата, од страна на Министерството за економија (во тек е донесување на нов правилник во согласност со новиот Законот за енергетика). Целосниот правилник можете да го преземете од интернет страницата на Министерството за економија (стар и нов).
Кои класи постојат?
Според правилникот, уредите се делат на класи од A до G, при што A значи оптимален уред, B – одличен, С – добар итн., додека G е уред со лош степен на енергетска ефикасност, односно колку уредот има класа поблиска до А, толку помалку троши енергија. Дополнително, призводителите означуваат уште две други класи, А+ и А++. Тоа се класи на уреди кои се уште поефикасни, односно се поефикасни отколку што се бара во правилниците. Кај машините за перење алишта и машините за миење садови, освен за енергетската ефиксаност, постои ознака и за ефикасност на перење (потрошувачка на вода) и ефикасност на сушење, на пример ААВ.
Следните податоци ја сочинуваат информацијата која треба да биде содржана на етикетата во согласност со Слика 1:
- Името или трговската марка на снабдувачот.
- Идентификаторот на моделот даден од снабдувачот.
- Класата на енергетска ефикасност на уредот треба да се одредува според поглавје VI на овој прилог (Правилникот, н.з.). Соодветна буква треба да се постави во иста линија со соодветната стрелка.
- На ова место може да се додаде специјална етикета (еко-етикета на Европската Унија).
- Потрошувачката на електрична енергија според стандардот EN 153 но изразена во kWh годишно (т.е. за 24 часови)
- Вкупниот нето волумен на складирање на сите оддели за свежа храна кои не подлежат на означувањето со ѕвездички (т.е. со работна температура > – 6°C).
- Вкупниот нето волумен на складирање на сите оддели за замрзната храна кои подлежат на означувањето со ѕвездички (т.е. со работна температура < – 6°C).
- Означување со ѕвездички на одделот за замрзнување на храна во согласност со релевантните стандарди. Во случај кога овој оддел не подлежи на означувањето со било каква ѕвездичка, оваа позиција треба да се остави празна.
- Таму каде што е возможно се наведува податок за измереното ниво набучава .
Класите за енергетска ефикасност се дефинирани во следната табела:
Индекс на енергетска ефикасност I | Класа на енергетска ефикасност |
I < 55 |
A |
55 ≤ I < 75 |
B |
75 ≤ I < 90 |
C |
90 ≤ I < 100 |
D |
100 ≤ I < 110 |
E |
110 ≤ I < 125 |
F |
125 ≤ I |
G |
Индексот на енергетска ефикасност е изразен во проценти, при што како референта вредност се зема годишната потрошувачка на уреди од класа D (повеќето постари уреди спаѓаат во оваа или подолните класи).
За илустрација, машина за перење од А класа троши за 8% помалку енергија од онаа со ознака за класа В, додека разликата меѓу класите В и С се уште поголеми и изнесуваат дури и 17%. Кај расветните тела, односно светилките, разликата меѓу оние од класа А (флуоресцентните) и оние од класа D (обичните светилки) може да биде од 45 – 80%.
Можеби најопипливо да се воочи предноста на купување на енергетски ефикасни апарати за домаќинство е ако се прикаже ситуацијата со оној уред кој е постојано вклучен – фрижидерот. Старите фрижидери, кои според денешната класификација би спаѓале во подолните класи (од D па надолу), во просек трошат околу 2000 kWh електрична енергија годишно. Новите фрижидери од А енергетска класа во просек имаат за половина помала потрошувачка, што би рекло 1000 kWh годишно, па правиме заштеда на електрична енергија од 1000 kWh. Ако тоа се помножи со цената на еден киловатчас (4.5 евроценти), се добива заштеда од 4500 евроценти, односно 45 евра годишно, или во денари околу 2750. Обично, разликата во цените меѓу фрижидерите со ист волумен и функционалност од овие две класи во просек е 3000 – 4000 денари. Меѓутоа, ако се земе предвид векот на траење на еден фрижидер од средна квалитетна класа дека е 12 – 13 години, како и заштедата во електрична енергија, се добива дека ценовната разлика се исплаќа за само 1.5 година преку намалена сметка за струја, а секоја понатамошна заштеда е само бонус на сметката.
Кога на сето ова ќе се додаде и заштедата кај другите уреди (ел. шпорет, машина за перење, за миење садови, климауред…), од кои повеќето имаат грејни тела во својот состав и трошат повеќе струја од фрижидерот, се чини дека изборот на поскап, но поефикасен апарат наместо поевтин и неефикасен е очигледен.