Електрани на Македонија склучи договор за заем со Светска Банка во износ од 2,24 милиони евра за реализација на активности пред почетокот на изградбата на акумулацијата “Луково Поле“.
Финансиите потребни за подготвителните работи поврзани со проектот се проценети на 3.4 милиони евра, со што остатокот од околу 1.16 милиони евра ќе го обезбеди АД ЕЛЕМ од сопствени средства.
По завршувањето на подготвителната фаза, кон средината на наредната година е предвидено да почнат главните градежни работи и изградбата, која се очекува да заврши до крајот на 2016 година.
Вкупната инвестиција за изградбата на “Луково Поле“ е проценета на 62 милиони евра, од кои 52 милиони евра ќе се обезбедат преку кредит од Светска банка, додека 10 милиони евра АД ЕЛЕМ ке ги обезбеди од сопствени средства.
Со “Луково Поле“ ќе се обезбеди стабилен домашен капацитет со прифатлива цена на електрична енергија, која нема да биде зависна од цената на електричната енергија на берза. Значајни придобивки од Проектот ќе бидат обезбедувањето на дополнително годишно производство на електрична енергија од 159 GWh, зголемување на инсталираниот хидрокапацитет на АД ЕЛЕМ, регулација и управување со водите, потенцијал за развој на туризмот, како и за остварување на стратешките определби за намалување на емисиите на јаглерод диоксид и исполнување на обврската на Република Македонија за производство на електрична енергија од обновливи извори. Системот ќе биде надоградба на постојниот систем Мавровски хидроелектрани.
Преземено од: НЕТПРЕС