Секој проект кој што ја поттикнува енергетската ефикасност во Македонија радува, а уште повеќе радува кога овие проекти се поттикнати и реализирани од страна на младите. Со почетокот на февруари започна реализација на проектот “Штедам енергија“ кој што се реализира како дел на регионалниот проект Регионалниот проект “Размислувај глобално-Развивај локално“ на УНДП, а во партнерство со единиците на локалната самоуправа Богданци, Гевгелија, и Валандово.
Во врска со реализацијата на овој проект зборуваме со Софија Минева координаторката на кампањата за ЕЕ од Фондацијата за локален развој и ИТ- Гевгелија и Богомил Марков, кој што заедно со своите другари Фидора Поп-Гонова, Лазе Тренчевски, како и со организаторите од Гевгелија и Валандово, се задолжени за успешна реализација на проектот.
Кажете ми нешто повеќе за кампањата „Штедам енергија“?
Во месец Септември минатата година се одржа работилница за енергетска ефикасност подржана од УНДП во која првиот ден од работилницата се разработуваа теми од типот глобално затоплување, енергетска ефикасност и сл. На вториот ден ние се поделивме во 5 групи каде секоја група посебно си осмислуваше свој проект. За среќа нашиот проект беше многу достижен, концизен и УНДП одлучи да го финансира овој проект а воедно и да го реализира на просторите како што беше наведено во самиот проект во регионот: Богданци Гевгелија и Валандово.
Кампањата за енергетска ефикасност “Штедам енергија” се спроведува како активност од регионалната програма за меѓуопштинска соработка на UNDP и NALAS “Мисли глобално – развивај локално”, а ја спроведува Фондација за локален развој и развој на информатички технологии- Гевгелија, а финансирана е од UNDP и општина Гевгелија.
Конкретно оваа кампања е наменета за средношколците од трите средни училишта од општините Гевгелија, Богданци и Валандово и целта е да се подигне јавната свест за енергетска ефикасност кај младите и подобрување на енергетската ефикасност.
Што ве поттикна за кампањата?
Фондацијата за локален развој и ИТ од Гевгелија, реализираше проект за прекугранична соработка на полето на Обновливи извори на енергија и Енергетска ефикасност, со Асоцијацијата на производители на еколошка енергија од Благоевград, Бугарија. Во рамките на тој проект беше основано информативно биро каде што можеа да се поставуваат прашања од споменатите области. Исто така, се изработи и прирачник за процесите на развој на проекти од областа на ОИЕ и ЕЕ.
Сето ова придонесе да се утврди постоечката состојба во регионот и се дојде до заклучок дека потребна е поактивна кампања каде особено би биле вклучени младите за да ги утврдат придобивките од енергетската ефикасност.
Вклучувањето и на општините Богданци и Валандово произлезе од заедничката меѓуопштинска соработка.
Кои се планираните цели на кампањата?
Основна цел на оваа кампања е подигнување на свеста кај младите за енергетската ефикасност, што претставува таа и кои се придобивките од истата. Исто така преку едукација, презентација, мултимедијални конкурси и натпревари и практични примери целта ни е да го приближиме поимот енергетска ефикасност до младите.
Но покрај средношколците како главна целна група, преку кампањата, цел ни е да ги поттикнеме и поактивно да ги вклучиме и директорите на училиштата, професорите, родителите, општинските администрации, па дури и останатите граѓани и производителите на еколошки производи.
Кои се планираните активности во рамките на кампањата?
Дел од активностите на кампањата веќе се реализирани, како што е создавање на официјална facebook страна за кампањата, каде што младите се најприсутни и најактивни. Таму можат да бидат запознаени со тековните и следните активности, а исто така и да објавуваат слики и објави од областа на енергетска ефикасност.
Следна активност која е во тек се презентации за енергетска ефикасност во секое од средните училишта во Гевгелија, Богданци и Валандово и пополнување на индивидуални прашалници за пресметка на индивидуалниот придонес кон климатските промени.
Исто така следи и јавниот конкурс за избор на најдобра фотографија/ цртеж од областа на енергетска ефикасност преку кои младите на креативен начин можат да го изразат нивното разбирање и познавање на оваа област.
Крајот на кампањата ќе биде означен со организирање на Ден на енергетска ефикасност. На овој ден ќе се врши замена на светилки, што значи секој што ќе донесе стара и обична светилка ќе му биде заменета со енергетско ефикасна.
Покрај кампањата „Штедам енергија“ планирате уште некои кампањи поврзани со енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија?
Веќе постои заедничка соработка помеѓу трите општини во делот на енергетскиот мониторинг на општинските објекти, која ќе продолжи и во понатамошниот период.
Исто така продолжува и работата на информативното биро за совети од областа на ОИЕ и ЕЕ.
Воедно планираме и проширување на соработката со партнерите од Бугарија и размена на искуства од оваа тема. А меѓу другото во изработка е и проект со партнери од Бугарија за воведување на иновативни обуки (преку е-учење) и стимулирање и поддршка на проекти од областа на ЕЕ и ОИЕ помеѓу младите.