Производството на енергија во Македонија во голем процент1 е засновано на согорувањето на јаглен (лигнит), кој се смета за најефтин ресурс за добивање на енергија, главно поради тоа што е домашен ресурс. Но, дали овој ресурс навистина е најефтиниот достапен ресурс, кога ќе се земат предвид и индиректните трошоци кои произлегуваат од неговото согорување?
Во калкулацијата која јагленот го смета за најефтина можност за добивање на енергија, засега не се земаат предвид трошоците нанесени на здравјето на граѓаните кои се подмируваат од здравствениот сектор (повторно од средствата на граѓаните), ниту пак немонетарните здравствени трошоци како што се загубени години на живот, загубени денови на работоспособност или пак деновите на намалена активност поради болест. Исто така, не се земаат предвид ни трошоците од намалените или загубени екосистемски услуги, како што се достапност на чист воздух, чиста вода за пиење или можноста за производство на здрава и незагадена храна.
Поради овој крупен пропуст во пресметувањето на цената на јагленот, еколошките организации во Македонија веќе подолго време се залагаат за ревидирање на ставот за реалната цена на согорувањето на јаглен.
Во рамките на овие залагања, Еко-свест, Реактор – истражување во акција и Фронт 21/42, во соработка со Алијансата за здравје и животна средина од Брисел, Универзитетот во Штутгарт и независниот експерт д-р Мајк Холанд, изработија студија во која се пресметува економската вредност на здравствените трошоци кои се резултат на согорувањето на јаглен во двете термоелектрани во Македонија, ТЕ Битола и ТЕ Осломеј, како и можноста за заштеда која би се генерирала доколку се применат најновите (и најригорозни) стандарди за заштита на животната средина кои би биле во согласност со Директивата за индустриски емисии2 на Европската Унија (ЕУ).
„Студијата е заснована на официјалните податоци за емисии од двете термоелектрани кои ЕЛЕМ ги доставил до Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за 2012 година. Калкулациите врз основа на овие официјални податоци беа изработени со помош на моделот Екосенс на Универзитетот во Штутгарт, и потоа оптимизирани според стандардите на студија3 изработена од Светската Здравствена Организација (СЗО) за потребите на Европската Комисија (ЕК)“ изјави Невена Смилевска, проектен координатор и активист за заштита на климата во Еко-свест.
„Според резултатите добиени во рамките на студијата, двете термоелектрани на јаглен ја чинат Македонија 234 загубени години на живот годишно или 5,2 милиони евра годишно само по тој основ. Доколку пак, електраните се усогласат со Директивата за индустриски емисии, би се заштедиле 215 загубени години живот или 4,7 милиони евра годишно.“, цитира Смилевска.
Конкретните препораки во однос на тоа што треба да се преземе за подобрување на состојбата со загадувањето предизвикано од термоелектраните денес беа консултирани на тркалезна маса со релевантните чинители од здравствениот сектор, бизнис секторот и граѓанскиот сектор. Меѓу главните препораки се: што поскоро да се применат построгите стандарди за заштита на животната средина кои се во согласност со важечките ЕУ директиви (и поради тоа што ќе донесат здравствена придобивка за граѓаните и поради тоа што ќе донесат значителна заштеда); да се забрза предвидената конверзија на ТЕ Осломеј на гас, бидејќи таа ќе донесе дополнителна заштеда во смисол на здравствените ефекти; и секако, најпожелната алтернатива е забрзано напуштање на согорувањето на јаглен за добивање на енергија и внесување на значително поголем процент на обновливите извори на енергија во енергетскиот микс во земјава.
Белешки
- Околу 80% од енергијата произведена во Македонија се добива од термоелектраните на лигнит. Според тековната Стратегија за развој на енергетиката (која во 2014 година е во процес на ревизија) оваа тенденција ќе продолжи непроменета и во наредниот период, освен доколку со ревизијата драматично се променат ставовите во однос на енергетскиот микс.
- Според Директивата за индустриски емисии, која сеуште не е задолжително да се спроведе на постоечките термоелектрани во Македонија, сите капацитети е потребно да се усогласат со најдобрите достапни техники пропишани во Директивата. Емисиите кои ќе се емитуваат од термоелектраните по усогласувањето со оваа директива ќе бидат значително помали во однос на емисиите дозволени со Директивата за големи постројки за согорување со која Македонија, според договорот со Енергетската заедница (ЕЗ), има обврска да се усогласи до 2017 година. Сепак, на ниво на ЕЗ веќе интензивно се дискутира за наметнување на обврска за усогласување со Директивата за индустриски емисии, што во тој период ќе значи изгубени средства во двојна инвестиција во нови технологии која можела значително да се намали доколку наместо усогласувањето со Директивата за големи постројки за согорување било направено усогласување со најдобрите достапни техники според Директивата за индустриски емисии.
- Моделот Екосенс и студијата HRAPIE (Health Response to Air Pollutants In Europe) водена од Светската здравствена организација (СЗО) во име на Европската Комисија обете ги моделираат и калкулираат влијанијата кои емисиите од термоелектраните на јаглен ќе ги имаат на земјата во која се наоѓаат, како и на земјите на целата територија на Европа. Резултатите претставуваат функција од стапката на смртност, бројот на болнички посети и престои, загубени работни денови и други симптоми пресметани за поголема група на земји.
- Податоците за кои е пресметана економската вредност на трошоците кои се резултат од согорувањето на јаглен во термоелектраните се: годишен трошок за здравство, трошокот на прерана смртност, бројот на загубени години на живот, бројот на загубени работни денови и бројот на различни заболувања кај различни возрасни групи поврзан со согорувањето на јаглен и трошокот кој тие го повлекуваат.