Во документ од 1994 година како погодни локации се споменуваат првата меѓу Скопје и Тетово, втората во близината на Велес, третата близу Неготино и Кавадарци и четвртата на Црна Река во Мариово | ||
Три нуклеарни централи по течението на Вардар и една атомска постројка на Црна Река. Со четири нуклеарки на растојание помало од стотина километри, Македонија веројатно денес би била најголемата светска енергетска суперсила, под услов да се оствареле проекциите за развој на Вардарската долина. Во документ изработен во 1994 година, како потенцијални места за изградба на нуклеарни централи се обележани четири локации, првата меѓу Скопје и Тетово, втората во близината на Велес, третата близу Неготино и Кавадарци и четвртата на Црна Река во Мариово. Последнава и денес се споменува како единствена и оптимална локација за изградба на нуклеарна централа во Македонија, со оглед на тоа што Мариово е сеизмолошки најстабилно подрачје, но и најненаселеното место во државава. Во програмата за интегрален развој на Вардарската долина, второ ревидирано издание од 1994 година, е приложена и мапа на која јасно се обележани локациите за нуклеарни централи. Документот е подготвен од македонскиот конзорциум за Вардарската долина.
Професорот Андреј Токарев, кој во тоа време бил и координатор на проектот, тврди дека во него не било предвидено да се градат нуклеарни централи на споменатите локации. – Јас веќе десет години сум во пензија. Потоа проектот го презедоа други. Сепак со сигурност можам да кажам дека немаше проекции за изградба на нуклеарни централи во Вардарската долина – нагласува Токарев. Од Министерството за економија, како надлежен орган за имплементација на проектот Вардарска долина, не се запознаени со проекциите за изградба на нуклеарки, бидејќи, како што тврдат, во Министерството сега нема никој од тој период. Проектот Вардарска долина десетици години се споменува како еден од најголемите и најзначајни проекти, кој треба да ја прероди Македонија на економски и на енергетски план. Проектот првпат се споменува и во мастер-планот на Обединетите нации, подготвен од Институтот за технологија на Масачусетс уште во далечната 1978 година. И во овој документ се предвидува изградба на нуклеарна централа по течението на Вардар во близината на Велес. Токму Криволак се посочува како локација за поставување нуклеарни реактори со инсталирана моќност од 1.300 мегават-часа и годишно производство на енергија од 6.483 гигават-часа. Интересно е што во овој документ од Обединетите нации границите на Македонија се проширени до Лерин, Поликастро и Солун во Грција. Во него како предвидена рамка за реализација на сите енергетски капацитети во Вардарската долина се наведува периодот од 1985 до 2000 година. Од секторот за енергетика при МАНУ потврдуваат дека Криволак како локација на нуклеарна централа бил во игра уште во Титово време, кога Македонија била дел од поранешната СФРЈ. – Тогаш се планираа многу локации за изградба на нуклеарни централи и се сметаше дека близу секоја голема метропола треба да има ваква постројка за производство на енергија. И во Македонија се разгледуваа повеќе локации, но како најпогодни беа издвоени Криволак и Мариово – велат од МАНУ. Експертите сепак се скептични дека по хаваријата во Фукушима може да се остварат проекциите за развој на атомската енергија во Македонија. Владата сé уште нема донесено конечна одлука за изградба на нуклеарна централа, додека повеќето држави веќе ги ревидираат своите првични планови. Нуклеарното регулаторно тело во Словачка ја одложи за најмалку пет години изградбата на нова нуклеарна централа во западниот град Јасловске Бохунице, а мораториум за изградба на нуклеарката „Белене“ донесе и Бугарија. |
||
|