Со помош на откритие кое едно време се сметало за невозможно, еден истражувач од Indiana University-Purdue University Indianapolis (IUPUI) создаде нова класа на високонапонски инвертори со кои би се добиле поевтини и поефикасни производи од областа на обновлива енергија.
Професорот Афшин Изадиан, истражувач во Центарот за обновлива енергија „Ричард Г. Лугар“ на IUPUI, дизајнира високонапонски инвертор кој содржи само еден прекинувачки транзистор и може на излез да дава напони со произволно ниво.
Високонапонските инвертори се еден од клучните делови кај голем дел од производите кои користат обновливи извори на енергија. Фотоволтаични системи, системи за складирање на енергија (батерии), електрични и хибридни возила и електромотори – сите користат инвертори за ефикасно претворање на еднонасочната во наизменична струја.
Меѓутоа, инверторите со повеќе прекинувачки транзистори, кои сега се користат, генерираат ограничен број на напонски нивоа, тешки се, генерираат несакани хармоници па имаат потреба и од филтри за намалување на штетното влијание врз елементите во електричното коло.
Изумот на проф. Изадиан, кој настанал како резултат на лабораториски експеримент, би придонел за тоа инверторите во иднина да бидат поефикасни, поевтини и полесни од сегашните модели. „Можноста да го промените поларитетот на напонот кога ќе посакате можеби не звучи многу возбудливо, но сфаќате колку е тоа важно кога ќе видите дека притоа можете да ја одржите и посакуваната амплитуда на напонот“ – вели професорот за своето откритие.
Тој дошол до важното откритие додека проучувал како се создаваат поларитетот и излезните напонски нивоа кај инверторите. Во еден момент, додека правел разни реконфигурации на едно инверторско коло, тој открил нов начин за создавање на бесконечен број на излезни напонски нивоа, како и да се инвертира поларитетот на напонот. Ова откритие потоа тој го искористи за дизајнирање на новата класа на инвертори.
Новите инвертори не само што ги поминале лабораториските тестирања, туку довеле и до откривање на други електрични кола и контролери за високонапонски инвертори со ниски прекинувачки загуби, подобри работни карактеристики и помала тежина на склопот. Исто така, несаканите хармоници се во голема мера намалени кај овој вид на инвертори. Тоа значи дека производителите на автомобили ќе можат да ја намалат големината и изолацијата на електромоторите во возилата, со што тие ќе поевтинат. Исто може да се намали и робустноста на високонапонската електроника, со што ќе се намали потрошувачката на гориво кај хибридните возила.
Во глобала, вакви предности значат дека овие инвертори ќе најдат широка примена во неколку технологии за обновлива енергија кои секојдневно се користат во домаќинствата, превозните средства и индустријата.