Хемичарите на Универзитетот Нортвестерн во Илиноис, САД, создадоа материјал за собирање и складирање на јаглерод. Материјалот е комбинација од шеќери, сол и малку алкохол – органски материи кои произведуваат помалку емисии на штетни гасови.
-Успеавме да собереме молекули кои и самите се производ на атмосферски јаглерод, преку фотосинтеза и да ги искористиме за собирање на уште повеќе јаглерод диоксид- вели Рос Форган, еден од авторите на студијата.
Тој објаснува дека бидејќи материјалите, познати како метално-органски рамки, се направени од природни состојки, тие не само што не се отровни, туку се и карбон-неутрални.
Емисиите на гасови кое се прават при нивна изработка се минимални и се надополнуваат со количината на апсорбиран CO2. Всушност, материјалите биле толку неотровни што можеле и да се јадат и имале вкус на солени крекери.
Слични откритија биле направени и претходно, во лабораторијата на Вајнберг Колеџ од страна на Фрејзер Стодарт, професор по хемија кој изјавил дека направил наноструктури кои можеле да се јадат. Претходно, проф. Стодарт водел истражувачка група составена од стручњаци од Нортвестерн, УЦЛА и Универзитетот Сент Ендру од Велика Британија, при што развиле метално-органски рамки од состојки на база на нафта, како и шеќер добиен од скроб од пченка, соли калиум хлорид и калиум бензоат и чист алкохол од жито (шпиритус).
Рамките се добиваат од кристали од овие материи кои создаваат порозна рамка што го складира јаглерод диоксидот. Научниците открија дека нивните метално-органски материјали реагираат со CO2 на тој начин што го врзуваат со кристалите. Тие исто така откриле и едноставен начин на детектирање кога кристалите се заситени, односно врзале максимална количина на CO2 – во кристалот се вметнува молекул-индикатор кој реагира на промените на pH вредноста. Кога жолтите кристали на метално-рганската рамка се полни со CO2, нивната боја станува црвена.
Научниците ќе продолжат со истражувањата, со цел подобрување на ефикасноста на материјалот, како и полесна и поевтина изработка, како би можеле да влезат во комерцијална употреба.