И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги ветуваат истите инвестиции
за кои слушаме 10 или 20 години
Маја Томиќ
Ако ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во многу нешта се разликуваат во економскиот и во политичкиот дел од своите изборни програми, затоа, пак, имаат минимални меѓусебни разлики кога станува збор за нивните идеи како треба да се движи земјава во енергетски правец. И двете се на ставот дека сме во очајна енергетска состојба и дека треба под итно нешто да се стори. И ВМРО-ДМПНЕ и СДСМ, горе-долу ги ставаат како приоритетни енергетските проекти за кои со години стојат стокмени елаборати, физибилити-студии, еден куп анализи, но за голем дел од нив досега се распишаа и по неколку тендери што завршија со неуспех. Додека ВМРО-ДПМНЕ во програмата за секој проект има рокови за негово подготвување или целосно завршување, од 2014 до 2025 година, зависно од нивната големина, СДСМ дава само ориентациони термини колку би траела изградбата на објектите, што се движи од 4 до 8 години.
И двете партии нудат реализација на добро познатите: хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“, изградба на ХЕЦ „Бошков Мост“, на ХЕЦ „Луково Поле“, на проектот „Вардарска Долина“, изградба на ХЕЦ „Света Петка“, која веќе требаше да заврши пред околу три години, потоа гасификација, вложување во разни видови обновливи извори на енергија, ревитализација на постојните мали хидроцентрали и изградба на нови, изградба на ветерници…. и што ли уште не за што многу години наназад се говори дека се приоритети за енергетиката и за економскиот развој. Што од се’ она што се нуди во програмите е најреално и може најбрзо да се изгради ?
„Тоа е гасната електрана во Куманово, која за разлика од другите енергетски проекти кои се градат со години, е поедноставна за градба, а пред се’ затоа што Куманово веќе има гасовод. Би се изградила за околу 4 години и би била со 300 мегавати електрична моќност и 150 мегавати топлинска моќност, а би задоволувала 24 отсто од сегашните потреби за струја во земјава. Факт е дека многу години се одолговлекуваат работите во енергетскиот сектор поради промашени проекти или мешање на политички структури“, вели Атанаско Туневски од СДСМ.
Јавноста веќе изгуби временска ориентација која од двете најголеми партии почнала, а која до каде стасала со долгогодишните проекти, затоа што која влада како дојде на власт, така поништува и распишува нови тендери. Сега некако мрднаа работите со четвртиот тендер за „Чебрен“ и „Галиште“, за кој треба да се избере најповолната понуда на крајот на јули годинава, но и тоа станува неизвесно поради изборите. Дали, ако евентуално СДСМ победи, ќе го поништи овој тендер, како што тоа го направи ВМРО ДПМНЕ на крајот на 2006 година, неколку месеци откако дојде на власт, а откако претходно го поништи и тендерот за ТЕЦ „Неготино“ ? СДСМ за „Чебрен“ и „Галиште“ во својата програма, за разлика од ВМРО, предлага нивна помала моќност од 300 мегавати, наспроти владините 530 мгв. , како и двојно пониска вредност на објектите од 300 милиони евра , наспроти 700 милиони евра колку што ги проценува Владата.
На оваа Владата со години наназад не и оди со тендерите и не успеа да привлече ниту еден заинтересиран инвеститор. Досега пропаднаа три обиди за „Чебрен“ и „Галиште“ со по неколку пролонгирања. На СДСМ му пропаднаа два обида за ХЕЦ „Бошков Мост“ додека беше на власт. Сега Владата планира да распише нов тендер до крајот на годинава, исто како што сака и СДСМ, само не прецизира кога. Идејата за „Вардарска Долина“, стара 20-ина години, не се реализира во времето на бившата влада на СДСМ, а еднаш се утна работата со тендерот и на оваа Влада. Сега сме во очекување „Кинеската меѓународна корпорација за води и електрична енергија“, ЦВЕ и „Кинеската развојна банка“, ЦДБ да инвестираат 1,5 милијарди евра, за што во април со Владата потпишаа меморандум. Не беше кажано кога ќе се дадат парите и како ќе ги враќаме.
Како и да е ќе треба да почекаме додека почне реализацијата на било кој од проектите, затоа што нивната градба трае со години.
А, колку ли ќе чекаме на гасификацијата која, исто така, се заговара повеќе од десет години и за што има напишано којзнае колку елаборати и проекти. Не можеше да се реализира ништо досега најмногу затоа што не е решен долгогодишниот судски спор меѓу државата и „Макпетрол“ околу сопственоста на гасоводниот систем. Во својата програма СДСМ предлага гасоводен прстен околу Скопје, што беше актуелно пред повеќе години, а и оваа партија и ВМРО-ДПМНЕ ја посочуваат потребата од изградбата на гасовод на магистралниот правец Клечовце – Грција, како и приклучување кон гасоводот „Јужен поток“ . Тоа според Владата, би се реализирало до 2018 година.
Преземено од: УТРИНСКИ ВЕСНИК