На почетокот на оваа година пишував за кондензацијата и за нејзините негативни последици. Денес поттикнат од коментарот на Facebook страната на порталот, решив да направам мало истражување на интернет и да видиме како да ги намалиме негативните ефекти од кондензацијата.
Одма да се оградам доколку има (а има грешки) па секој кој што сака да даде придонес на оваа проблематика може да не контактира по пат на контакт форма.
Содржината на влагата во атмосферскиот воздух има голем значај во метеорологијата. Количеството на влагата во атмосферскиот воздух се менува со самото време и во однос на географската положба, а самите промени се случуваат поради различни фактори. На отворени простори влагата испарува, без разлика на температура. Воздухот, може во себе да собира влага се додека не биде заситен со истата, поточно се додека во воздухот не се воспостави напон на пареата, кој што одговара на неговата температура. Водената пареа која што се ослободува од водените површини или од влажните предмети се шири во воздухот по пат на дифузија која не е брза, па така и самиот напон на пареата не може веднаш да биде воспоставен.
Поради испарувањето, водата ја губи својата топлина, па по сама логика и самата температура на водата се намалува, што исто така има влијание на намалување на брзината на воспоставање на заситена пареа во воздухот. Напонот на водената пареа зависи од температурата, посебно од приземниот слој на атмосферата и има големи варијации. Така на пример напонот на водената пареа на 0 °C изнесува 6,13 mb додека на 30°C има вредност од 42,29 mb. Според наведените вредности за напонот на пареата, воздухот на 30°C може да прими 7 пати повеќе водена пареа отколку на 0 °C.
Количество на водената пареа во 1 m3 се нарекува апсолутна влажност на воздух. Апсолутната влажност на воздухот може да се одреди по пат на посебни апсорбери на влагата. За живите организми многу поважна улога има релативната влажност на воздухот. Релативната влажност на воздухот претставува однос помеѓу апсолутната влажност и максималното количество на водената пареа –М која што е во воздухот на одредена температура. Релативната влажност на воздухот се изразува во проценти и се пресметува по следната формула = m/M x 100
Колку брзо испарува водата на некој отворен простор, зависи од релативната влажност на воздухот. Така кога имаме релативна влажност на воздухот 0% – потполно сув воздух- имаме брзо испарување. Доколку релативната влажност расти, тогаш и брзината на испарувањето опаѓа, па кога е воздухот заситен 100% испарувањето престанува.
Кондензација во затворени простории
Влажноста на воздухот во работна или во станбена просторија, покрај температурата е еден од побитни елементи кој што имаат влијание на создавање на атмосфера која што е погодна за нормално живеење/работење. Доколку во просториите имаме сув воздух тогаш имаме проблеми со дишењето. Исто така и голема влажност на воздухот не е пријатна за нашите организми. Идеалната релативна влажност за нашите организми се движи помеѓу 30 и 65%.
Е сега дојдовме до прашањето – зошто кога доаѓа до кондензација на водената пареа на нашите прозорци.?
Како што рековме, воздухот секогаш содржи одредено количество на водена пареа, а максимално количество на влага која може да се апсорбира во воздухот зависи од температурата. Доколку е содржината на влагата на одредена температура помала од максималниот, тоа значи дека воздухот е незаситен со водена пареа. Од друга страна, доколку воздухот содржи повеќе водена пареа од колку што е потребно на одредена температура на самиот воздух, тогаш имаме презаситен воздух и вишокот се забележува во вид на фини капки.
Доколку температурата на воздухот се намалува, а во истото време не се менува апсолутната влажност на истиот во еден момент на одредена температура, воздухот станува заситен. Доколку температурата на воздухот продолжува да опаѓа, доаѓа до кондензација, поточно вишокот на влагата се забележува на околните предмети, па таа температура на која што се јавува кондензацијата се нарекува точка на роса.
Истите услови се создаваат на самата површина на прозорското стакло. Во зимскиот период кога температурата е пониска од температурата која што е во просторијата, имаме прекорачување на точката на роса и имаме кондензација на водената пареа на стаклото. За да ја елиминираме кондензацијата на водената пареа, температурата во просторијата, треба да биде поголема од вредноста која што ќе се добие од следната формула:
ttr = tu – (tu – ts) k/
Каде што:
• ttr – температура на точката на роса на воздухот во просторијата°C
• tu – температура на воздухот во просторијата °C
• ts – надворешната температура °C
• k – коефициент на топлинската спроводливост на стаклото, W/m2K
• – коефициент на топлинската спроводливост на внатрешното стакло, W/m2K
Ако имаме термоизолационо стакло, тогаш коефициентот на топлинската спроводливост е релативно низок, па кондензацијата се јавува кога имаме многу ниски температури.
One Comment
Pingback: Мувла во станбените објекти – превентивно делување