Заштеда на осветлување
Една од значајните поединечни точки во потрошувачката на енергија е, секако, користењто на електрични тела за осветлување.
КУПЕТЕ ШТЕДЛИВИ СВЕТИЛКИ
На прв поглед штедливите светилки изгледаат поскапи од обичните, но всушност, тие штедат пари.
Штедливите светилки во просек трошат петпати помалку енергија од обичните светилки. Покрај тоа, векот на траење на штедливите светилки е осумпати подолг, а ако се заменат обичните светилки со штедливи на местата каде се подолго време вклучени (на пр. дневната соба), тогаш тие се „исплаќаат“ многу брзо, заради остварената заштеда.
Една од најдобрите штедливи светилки е флуорокомпактната, која е до четирипати енергетски поефикасна од класичните со грејно влакно, а обезбедува исто ниво на осветлување.
Потрошувачката кај осветлувањето се одредува на основа на моќноста на светилката и должината на времето за кое свети. Во споредба со штедливите светилки, обичните, со грејно влакно трошат значително повеќе електрична енергија. Затоа тие најдобро е, ако веќе мора, да се постават само на места каде нема никогаш да бидат долго вклучени, како подрум или тоалет.
Осветлувањето не треба да се остава вклучено ако за тоа нема потреба.
Често се случува светилките во подрумите или гаражите да се заборави да се исклучат, па најефикасно е да се постави автоматски прекинувач кој по одредено време сам ќе го исклучи светлото.
Исто, може да поставите и детектор на движење во вашиот двор, кој ќе се погрижи надворешното светло да биде вклучено само кога некој е во близина.
Светлите ѕидови и мебел ја одбиваат светлината многу подобро од потемно обоените. При уредување на внатрешноста на вашиот дом, земете во предвид дека посветла внатрешност може оптимално да ја осветли просторијата со помала јачина на светлината. Најдобро е домот да се уреди така што во него преу ден влегува доволно дневно светло до местата каде се чита или пишува. Дневното светло не само што е бесплатно туку и помалку ги оптоварува очите.
ПОВЕЌЕ ЗА ШТЕДЛИВО ОСВЕТЛУВАЊЕ
При размислувањето за поставување на штедливи светилки најголем проблем во размислувањето на купувачите е фактот дека почетната цена на штедливата светилка е многу повисока од цената на обичната. Додека цената на штедливите светилки од реномирани производители е над 200ден. (иако има и поевтини), обичните светили чинат не повеќе од 30ден. Но, она што се заборава во тој момент е дека штедливите светилки за исто ново на осветленост трошат четири до петпати помалку електрична енергија и имаат до десетпати подолг работен век.
Ако се земе типичен пример во кој во некој дом светлото во дневната соба свети просечно по 5 часа дневно и единствена тарифа за наплата на електрична енергија во текот на целиот ден, една обична светилка со моќност од 100W годишно ќе троши околу 182 kWh, што со просечна цена од 3.78ден./kWh изнесува 688ден. Од друга страна, типична штедлива светилка која обезбедува исто ниво на светлина со реална моќност од 23W ќе потроши околу 42kWh електрична енергија во вредност од 158ден. Ако ја погледнеме разликата во цената и постигнатата заштеда може да се пресмета дека купување штедлива светилка наместо обична се исплаќа за половина година, а бидејќи животниот век кај квалитетните штедливи светилки е во просек подолг од четири години, во тие наредни четири години светилката остварува вистинска заштеда на електрична енергија во вредност од околу 2700ден. при што земено е предвид и дека за време на животниот век на штедливата светилка би се смениле околу 10 обични.
Сепак, не е сеедно кои штедливи светилки ќе ги користиме. Се препорачува да се купуваат светилки од реномирани производители и со повисок степен на ефикаснот кои доаѓаат со гаранција и можност за замена доколку светилката прегори. Поевтините светилки имаат значително пократок животен век, а бидејќи со нив не доаѓа гаранција, не постои можност за замена стара за нова доколку прегори предвреме.
Предностите на користење на штедливи светилки веќе станаа тема и во политичките кругови па така, Австралија веќе одлучи од оваа 2010 година потполно да ги забрани и исфрли од употреба класичните светилки со грејно влакно, а ЕУ донесе одлука од 2009 година постепено да ги исфрла од употреба, заклучно со 2012, при што веќе е забрането призводство на класични светилки појаки од 100W. Со оваа мерка се предвидува во земјите на ЕУ да се заштедат 40TWh (!) електрична енергија, или колку потрошувачката на 11 милиони домаќинства на годишно ниво.
(Продолжува)