Google најави повеќемилионска инвестиција во изградба на соларни електрани во близина на Берлин, што е прв инвестициски проект на компанијата во секторот на еколошко производство на енергија во Европа. Google вчера информираше дека ќе вложи 3,5 милиони евра во една од најголемите германски соларни електрани во сојузната германска држава Бранденбург, каде што и се наоѓа Берлин. „До првата половина на деведесеттите години на минатиот век на тоа место се наоѓаше полигон на руската војска. Мило ни е што сега ќе се користи за други цели“, објави компанијата на својот блог за европска политика. Google наведе дека соларната централа ќе произведува електрична енергија за 5.000 домови во таа област. Инвестицијата мораат уште да ја одобрат надлежните регулаторни тела. Софтверскиот џин веќе инвестираше во енергетски проекти кои ја користат енергијата на ветерот. Најавата се случува во време кога германската влада се обидува да ја редефинира иднината на нуклеарната политика во земјата, со оглед на катастрофата на нуклеарката Фукушима во Јапонија.
Преземено од: КАЈГАНА