Инсталација, прозорци, како и фасади на новите згради во Скопје ќе се прават на начин кој ќе спречува топлината да излегува надвор од нив
Новите згради во Скопје ќе штедат струја. Тоа, практично, значи дека целата инсталација, прозорци, како и фасади ќе се прават на начин кој ќе спречува топлината да излегува надвор.
Ваква шанса за идна изградба на градот е овозможена со писмо кое градоначалникот Коце Трајановски деновиве го потпиша со градоначалниците на Анкара, Подгорица, Белград, Сараево, Тирана , Загреб и на Фрајбург, а согласно со кое Скопје станува дел од мрежата на енергетски ефикасни главни градови во Југоисточна Европа.
“Како резултат на нашата соработка со Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа, отворивме канцеларијата и инфо-центар, сè со цел во иднина да градиме капацитети за управување со енергијата.
Со потпишување на ова писмо, станавме директни учесници во продолжување на овој проект на штедење струја”, изјавија од Град Скопје.
Реализацијата на овој проект почна уште во октомври 2009 година, кога Градот потпиша меморандум за разбирање со повеќе од овие градови, како резултат на што деновиве потпиша и документ за изработката на акциониот план, согласно со кој ќе ги исполнува своите обврски.(М.Ѓ.)
Преземено од: Вест