Овој текст е извадок од дел од презентацијата на проект изработен од м-р. Илија Василевски. Проектот се вика „Правилен развој на учениците со воведување на концептот на едносменско претпладневно работење”. Целта на овој проект е да се покаже што се би се постигнало доколку учениците учат во една смена и кои би биле придобивките од тоа. Имплементација на проектот едносменски училишта мошне позитивно би се рефлектирало не само врз развојот на учениците како и подобрување на квалитетот на наставата и на целиот образовен процес туку и врз животната средина. Едносменските училишта се реалност насекаде низ светот, додека кај нас тоа не е случај и е мошне ретка појава. Во истражувањето кое е направено во ОУ „Елпида Караманди” – Битола, м-р. Илија Василевски на оригинален начин покажал како тоа може да се постигне.
Како би се постигнало тоа?
Потрошувачка на нафта за една грејна сезона: 18 литри на 1м2 кога се работи во две смени, а 12 литри кога сe работи во една смена или 33,3% заштеда. За една грејна сезона во ОУ „Елпида Караманади“- Битола се трошат 60000 литри нафта. Kога би се работело во една смена би се заштедиле 20000 литри или околу 11000 евра.
Во грејна сезона во ОУ „Елпида Караманди“- Битола се трошат околу 60000 денари за струја месечно. Kога би се работело во една смена би се заштедиле околу 20000 денари месечно или за една грејна сезона околу 2000 евра
Имено, во ОУ „Елпида Караманди“- Битола се потребни уште 6 училници за да можат учениците од сите паралелки да учат во една смена. Една училница чини околу 15000 евра. Заштедата на енергијата од околу 13 000 евра за една грејна сезона би овозможило самофинансирање на изградбата на 6 училници во рок од 8 – 10 години.
ДОБИВКА
– Со проектот најмалата добивка ќе биде финансиска, а тоа би било целосно враќање на инвестицијата за изградба на училниците.
– Долгорочна заштеда на енергија (НАФТА И СТРУЈА) и долгорочна пренамена на тие средства во развојни проекти
– Заштита на човековата средина од ЗАГАДУВАЊЕ во грејна сезона (6 месеци од 9 во учебната година или 66,7% се во грејна сезона)
– Најголемата добивка е во поголемата ефективност и ефикасност на образовниот систем
– Непроценливата добивка е во оформувањето на идни генерации со поконкурентни животни вештини
АКО ОВОЈ ПРОЕКТ БИДЕ СФАТЕН КАКО „КАПКА ПО КАПКА“ (приклучување на основното и средното образование), ЌЕ ИМАМЕ „МНОГУ ВОДА“, ЗА МНОГУ ИДНИ ГЕНЕРАЦИИ.
(м-р. Илија Василевски)
Ова е еден мошне редок пример на проект со кој е покажано како на еден лесен и креативен начин може да се постигне многу. Ова е проект кој би можел да се примени во поголемиот дел од школите низ Македонија. Искрено се надеваме дека одговорните ќе имаат слух и разбирање и дека овој проект ќе го види светлото на денот.