Препораката на Брисел за намалување на продажбата на струја нема да има влијание кај нас, бидејќи ние сме многу мал електроенергетски систем, со хроничен недостиг од енергија, сметаат експертите
Редукција на употребата на електрична енергија за 20 проценти до 2020 година и намалување на продажбата на струја за 1,5 процент уште оваа година. Ова се само дел од серијата ригорозни мерки за зголемување на енергетската ефикасност што со новата директива на Европската комисија стануваат задолжителни за сите земји-членки на ЕУ. За Македонија како државата со хроничен недостиг од струја ваквите препораки се тешко остварливи, тврдат експертите. Документот се посочува како стратегиски приоритет во програмата на ЕК за 2011 година и содржи препораки за владите, големите компании, националните регулаторни тела, па дури и за обичните граѓани за тоа каков фрижидер или машина за перење да купат за да заштедат повеќе енергија. На владите им се наложува да ја намалат потрошувачката на енергија со реновирање на најмалку 3 проценти од јавните објекти секоја година, додека енергетските компании ќе мора да ја намалат продажбата на струја за 1,5 процент на годишно ниво.
– Креирањето енергетски ефикасни економии ќе помогне за поголем економски пораст, отворање нови работни места и заштедените пари од буџетот може да се инвестираат во други цели. За граѓаните бенефицијата е тоа што ќе добиваат пониски сметки – велат од Европската комисија.
За домашните експерти препораките на Брисел за намалување на продажбата на струја се тешко применливи.
– Ние сме многу мал електроенергетски систем, со хроничен недостиг од енергија. ЕЛЕМ не може да ги покрие потребите за енергија и сé уште доста се увезува струја. Во таа насока препораката за намалување на продажбата на струја нема да има влијание кај нас. Тоа повеќе важи за земји како Франција, Чешка, Германија, кои се големи извозници на електрична енергија – смета Стојко Мојанчевски, експерт за енергетика.
Од ЕЛЕМ, како најголем производител на струја во државава, посочуваат дека се подготвуваат за влегување во ЕУ и во одреден момент ќе ги почитуваат сите овие директиви.
– Наша примарна цел е да имаме што поголемо домашно производство и помал увоз на електрична енергија – вели Јован Колевски од РЕК „Битола“.
Во однос на обврската за реновирање на 3 проценти од јавните објекти за поголема енергетска ефикасност, од Владата велат дека тоа веќе се применува, иако земјата сé уште не е дел од ЕУ.
– Најголем дел од реновираните објекти се во секторот на образованието, каде што е направена замена на прозорци, врати, инсталирани се соларни панели, во функција на заштеда на енергија и поголема енергетска ефикасност. Кај новите градби уште во самите проекти се воспоставени стандарди за енергетска ефикасност, изолација, вградување современи материјали – вели Мартин Мартиновски, владиниот портпарол.
Во директивата на ЕК се посочува дека намалувањето на продажбата на електрична енергија може да се реализира со модернизација на системите за греење, вградување двојни прозорци, изолација на покривите и слични мерки. Според Максим Гонев, консултант за енергетска ефикасност на Европската банка за обнова и развој, Европската комисија на прво место препорачува да се испита напонската оптимизација.
– Кај нас за напонска оптимизација речиси не се зборува и ретко кој знае за што се работи, иако тоа е најевтин начин да се штеди струја. Германците на пример одат на минимизација на најнизок напон на кој можат апаратите да работат, со што се намалува и потрошувачката- нагласува Гонев.
Од „ЕВН-Македонија“ велат дека веќе 4 години со работилници и квиз-натпревари ги подготвуваат новите генерации да имаат поинаква перцепција на енергијата како да ја штедат.
Автор: Александар С. Димковски | Фотографија: Игор Бансколиев |
Преземено од Нова Македонија