На 13/12/2011 во Битола се одржа конференција „Стратегии за регионална енергетска безбедност –енергетска политика во време на климатски промени“. Конференцијата беше одржана во организација на Фондацијата Конрад Аденауер, ФРОНТ 21/42 и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“. Еден од учесниците на конференцијата беше и Ана Стојиловска од Аналитика, која што ќе нѝ даде подетални информации во врска со конференцијата.
Дали можете да нѝ кажете нешто повеќе за конференцијата?
Конференцијата имаше за цел да ги собере на заедничка маса претставниците на релевантните институции, невладини организации, компании, универзитети и експерти за да дискутираат прашања од областа на енергетската сигурност, енергетската политика и борбата против климатските промени во Македонија и регионот. На самата конференција се презентираше и последното издание на Политичка Мисла кое исто така ја обработуваше темата енергетска сигурност.
Вие учествувавте во делот „Енергетската безбедност/сигурност како глобален проблем – регионални предизвици и перспективи“. Колку е Македонија енергетски безбедна?
Во Македонија минатата и оваа година беше донесена релевантната правна рамка која претставува добар предуслов за сигурност во снабдувањето со енергија. Сепак, Македонија се соочува со големи предизвици во однос на имплементација на оваа правна рамка. Доколку овие предизвици не се решат на време и доколку не се водат политики за стимулација на енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и за подобрување на регионалната енергетска инфраструктура како и понатамошно енергетско поврзување на земјата, Македонија може да се соочи со уште поголемо зголемување на увозот на енергија.
Каква е состојбата во регионот по ова прашање, поточно колку се соседните земји безбедни од енергетски аспект?
Регионот на Западен Балкан генерално кажано е во слична состојба како и Македонија по прашањето на енергетската сигурност, со исклучок на Хрватска која има добар напредок во оваа област. Земјите од Западен Балкан ги делат проблемите како висока енергетска зависност, неискористен потенцијал на обновливите извори на енергија итн. Ако зборуваме само за соседните земји, бидејќи се веќе и земји – членки на ЕУ, Грција и Бугарија се чекор понапред од нас.
Според Вашето мислење, кои се критични енергетски точки во Македонија?
Критични точки во енергетиката во Македонија е секако непостоењето на поголема политичка волја за имплементација на зацртаната правна рамка. На реформите во енергетскиот сектор се гледа само на обврска од меѓународните договори, а не како на шанса за економски напредок. Институционална волја постои, но поради отсуството на повисока свест за енергетиката изоставуваат стимулативни секундарни енергетски политики за остварување и имплементација на основната енергетска регулатива. Проблематичен е и секторот на топлина каде што поради високите цени за централно греење како замена од една страна се користи електричната енергија, што е нееколошко и со што се губи многу енергија, а од друга страна е греењето на дрва, што може да се поврзе со проблемот на дефорестација, бидејќи постојат и многу семејства кои користат незаконски сечени дрва. Во последно време сè поактуелен е и проблемот на енергетска сиромаштија во земјата кој привремено се решава со субвенционирање на сметките за струја на најзагрозените семејства, што е економски непродуктивно. Поврзано со ова е недоволното познавање на мерките за штедење на струја и енергетска ефикасност.
Инаку Вие доаѓате од НВО Аналитика. Кажете нѝ нешто повеќе за самата организација?
Аналитика е тинк тенк организација која работи на унапредување на демократијата и доброто владеење во Македонија, регионот и пошироко во Европа. Работиме на четири програми, од кои една е програмата за енергетика и инфраструктура. Останатите теми се јавна администрација, ЕУ интеграции и безбедност и надворешна политика. Нашата работа се состои во истражување на политиките со цел составување на конкретни препораки до донесувачите на одлуки во областите во кои работиме. Затоа изработуваме аналитички извештаи и кратки анализи. Исто така, работиме и на проекти и организираме и учествуваме на настани и дебати.
НВО Аналитика направи неколку анализи во врска со состојбата на енергетска ефикасност и енергетиката воопшто во Македонија. Кажете нѝ нешто повеќе за овие истражувања, како и кои се заклучоци на истите?
Оваа година во истражувањата се фокусиравме на секторот на гас, состојбата со обновливите извори на енергија во земјата како и на состојбата со енергетската ефикасност на локално ниво. Во однос на гасот, Македонија сè уште се соочува со големи предизвици како пред сè нерешениот спор помеѓу Макпетрол и државата за постојниот гасовод, непостоењето на дистрибуциска гасоводна мрежа што како последица го има неискористувањето на природниот гас како енергенс за греење во домаќинствата на пример. Истражувањето за обновливите извори на енергија покажа дека иако земјата направи чекори во насока на стимулирање на обновливата енергија, недостасува силна финансиска поддршка за имплементација на зацртаните планови. Исто така, постои и редица на административни бариери како на пример постапката за добивање на одобрение за градење, а недостасуваат и добро организирани едукативни кампањи за подигање на свеста кај граѓаните пред сè. Проектот „Менување на навиките“ на Аналитика покажа дека руралните општини се соочуваат со проблеми како недостиг на финансии и стручен кадар за креирање на локалните стратегии и програми за енергетска ефикасност. Во иста насока, нема доволно размена на знаење помеѓу енергетски напредните општини и оние кои немаат искуство во имплементација на вакви проекти.
Кои се плановите на Вашата организација за 2012 година?
Во 2012 година Аналитика како дел од работата во програмата за енергетика продолжува со засилено темпо во работа на проекти, истражување и размена на искуства на стручни конференции, обуки и сл. Истражувањата ќе вклучат следење на енергетските предизвици во Македонија и регионот и изнаоѓање на решенија преку креирање на соодветни препораки. Од проекти, ќе се продолжи да се работи на тековниот проект „Училишна зелена акција за подобра иднина“ кој има за цел едукација на учениците од две основни училишта на тема екологија. Освен тоа, продолжуваат активностите и проектите и во другите програми.