Локалните самоуправи се еден од главните носители на имплементацијата на концептот за енергетска ефикасност. Една од поуспешните општини која со голем успех го имплементира концептот на енергетска ефикасност е и општина Карпош. Во таа насока зборуваме со господин Љупчо Димов, раководител на оделението за енергетска ефикасност во општина Карпош.
На 15 март Општината Карпош го презентира правилникот за енергетска ефикасност во Општина Карпош. Да ли можете да ни каѓете нешто повеќе за правилникот?
Правилникот за мерките за енергетска ефикасност кои треба да ги исполнат проектите за изградба на нови и реконструкција на постоечки објекти како услов за добивање на одобрение за градење од општина Карпош е усвоен на 31 јануари 2012 година и важи по објавата во Службен гласник од 15 февруари.
На 15 март е презентацијата пред повеќе од 80-на проектанти и инвеститори во општината и поради големиот интерес во почетокот на април ќе се одржи уште една на која со задоволство ќе ве поканиме.
Правилникот дефинира горна граница на применетите мерки за термоизолација на објектите како услов за добивање дозвола за градба. Вториот услов за оние кои ќе применат уште поквалитетни решенија, подобри за повеќе од 10% од граничните, и применат обновливи извори на енергии, го добиваат бенефитот да бидат субвенционирани до 20% од средствата за комуналии што се плаќаат кон Општината.
Целта на Правилникот е да воспостави нов начин на размислување и пристап во градежниот сектор во делот на планирање и изградба на објекти кои ќе трошат од 40 до 70% помалку енергија од постојните и ќе можат да бидат со висока категорија (А, В или С) во моментот кога во Р. Македонија ќе се донесе Правилникот и методологијата, чија крајна цел е добивањето енергетски сертификат.
Овој правилник е прв правилник за енергетска ефикасност во Македонија. Колку овој правилник е во склад со Законот за енергетика и колку ќе биде во склад со долго најавуваниот правилник за енергетска ефикасна градба во Македонија?
Во ситуација кога во Р. Македонија не постои никаков Правилник, тој не може да биде во некаква спротивност, а уште помалку со Законот за енергетика. Во моментот кога таков ќе биде донесен, нашиот Правилник ќе се усогласи по потреба со истиот.
Покрај оваа активност, кои се други реализирани активности во Општина Карпош на поле на енергетска ефикасност?
Општина Карпош во 2012 година ја завршува првата 5 годишна Програма за енергетска ефикасност, донесена и реализирана во Р. Македонија. Во неа се реализираат 17 проекти, поврзани со уличното осветлување и објектите во надлежност на Општината како училиштата и градинките. Конкретно од постојните 10 објекти на основни училишта и 10 објекти на градинките во о.Карпош, досега се реализирани или се во фаза на реализација проектите во пет објекти на основните училишта:
- Јан Амос Коменски
- Димо Хаџи Димов
- Петар Поп Арсов
- Лазо Трповски
- Војдан Чернодрински
- Два објекти на градинките
- Орце Николов (клон Карпош3)
- Орце Николов (клон Карпош2) со UNDP
Превземените мерки ги опфаќаат следните активности :
- Термоизолација на фасади, кровна конструкција и подови.
- Замена на врати и прозори
- Промена на системи за греење
- Промена на внатрешно осветлување во работните простории и дворното осветлување
- Промена на компјутерската мрежа
- Замена на електричните бојлери за санитарна топла вода со соларни вакуум инјекторски системи
Кои се ефектите на преземените активност?
Нашите очекувани ефекти кои до крајот на годината ќе се пресметаат во kWh, енергија и намалување на емисии на СО2 во завршниот извештај по Програмата треба да бидат на рангот на енергија која би ја создала една нова мала хидроцентрала од овие кои допрва треба да се градат.
Конкретно, како пример би ја издвоил инвестицијата на командите за улично осветлување во посебни ормари со вградени астрономски вклопни часовници. Со проектот се поставени 117 ормари за улично осветлување и рефлекторските системи на спортските игралишта. Вградените астрономски часовници вршат, согласно географска ширина и должина, секојдневна корекција на времето на вклучување и исклучување на уличното осветлување.
Експериментално потврдени, заштеда на електрична енергија до 30% при иста снага на потрошувачите. Целосно се отстранува потребата за од отстранување на дефекти, на командните уреди за наредните неколку години со тоа и одржување на истите. Вкупна инвестиција 120.000,00 €.
Кои се планираните активности за оваа година ?
Оваа година планираме да ги финализираме планираните активност кои се реализираат од 2007 година а се според донесената програма за енергетска ефикасност. Пред се планираме да ја финализираме интервенцијата на уличната расвета. Состојба пред интервенцијата беше:
- Потрошена ел. енергија на годишно ниво – 2314 MWh
- Потрошени материјални средства ~ 260 000 €
- Потрошени средства за одржување ~ 160 000 €
Очекувана состојба по реализацијата на сите проекти од програмата
- Потрошена ел. енергија на годишно ниво < 1300 MWh
- Потрошени материјални средства ~ 160 000 €
- Потрошени средства за одржување ~ 30 000 €
Исто така планираме замена на електричните бојлери за санитарна топла вода, со соларни вакуум инјекторски системи. Вкупно 68 електрични бојлери од 80 l ќе бидат заменети со соларни вакуум инјекторски системи со висок коефициент на искористливост на вакуум инјекторските цевки. Вкупната инвестиција изнесува околу 75.000 €, а досега се вградени 11 такви системи.
Благодариме на интервјуто и ви посакуваме успех во понатамошното работење!