Според многумина, надоаѓаат интересни времиња за автомобилската индустрија. После 100 годишно владеење, бензинот е на прагот да биде заменет со некое алтернативно гориво. Само прашањето е со кое?
Една опција која сè повеќе доаѓа до израз се електричните автомобили. Нив ги произведуваат сè повеќе автомобилски производители, но проблемот со таа технологија е во ограничените можности и капацитет на литиум-јонските батерии.
Веќе извесно време производителите на автомобили разгледуваат и една друга опција – водород. Поточно, водородни горивни ќелии. Но, има ли можност водородот, кој и самиот има одредени недостатоци, да стане одржлив извор на гориво?
Како работат колите на водородни горивни ќелии?
Водородните автомобили работат со помош на едноставен хемиски процес:
- Водородот се компримира и се чува во резервоар во возилото (како и секое друго гориво, нели 🙂 )
- Водородот се пропушта да тече низ горивните ќелии кои ги има во возилото, при што се генерира електрицитет со помош на хемиска реакција
- Со таа електрична енергија се напојува електромотор кој ги придвижува тркалата на возилото.
Притоа, во водородната горивна ќелија се одвива хемиски процес сличен на електролиза. Електролизата е процес при кој се ослободува водород и кислород кога низ вода ќе протече електрична струја. Кај горивните ќелии, имаме обратен случај – водородот од резерворот и кислородот од воздухот се мешаат со помош на катализатор, при што се ослободува електрична енергија и вода (во облик на пареа).
Предности на автомобилите со горивни ќелии
Главната и најочигледна предност која водородот ја има пред фосилните горива е што го има во речиси неисцрпни количини. Всушност, водородот е најприсутниот елемент во вселената и го има во многу природни материи, како водата. И бидејќи при хемискиот процес кој се одвива во горивните ќелии на возилото се ослободува само електрична енергија и вода, овие возила се многу поеколошки од бензинските.
Одредени недостатоци не дозволуваат засега горивните ќелии да го заменат бензинот. Два од тие недостатоци се тешкиот процес на производство на водород и високата цена на водородните ќелии.
Иако водородот е речиси сеприсутен во вселената, неговото наоѓање во чиста форма на Земјата е тежок предизвик. Производството на водород бара енергија, која пак мора да дојде од некој друг извор, со што целиот процес станува понеефикасен.
Од друга страна, за процесот кој се одвива во горивните ќелии потребен е катализатор, а моментално најдобриот катализатор е платината. Таа е редок и многу скап метал, што максимално придонесува за високата цена на водородните ќелии (според некои извори, комплет на горивни ќелии доволен за еден автомобил чини и до 100 000 долари).
Но, додека инженерите работат на дизајнирање на возило со водородни горивни ќелии кое ќе може секој да си го дозволи, постојат и други начини да се заштеди на гориво. Пешачење, возење велосипед или користење на јавниот превоз се одлични начини да заштедите на трошоци за гориво или одржување на автомобилот, како и користење на електрични или хибридни автомобили, кои стануваат сè подостапни за просечниот човек.