Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) и ЕВН доставија до Регулаторната комисија за енергетика нови пресметки за трошоците од почетокот на годината, а како главна причина за барањето за поскапување на струјата се наведуваат повисоките цени на увезената струја
Во ЕВН потврдија дека доставиле пресметки со зголемени интерни трошоци
Во ЕВН потврдија дека вчера ги доставиле пресметките со зголемени интерни трошоци, а ЕЛЕМ, како што рече директорот Влатко Чингоски, пресметката ја доставил во текот на овој месец.
– Тоа го направивме, пред сè, поради тоа што имаме зголемување на трошоците заради увоз на електрична енергија. Значи, трошоците во работењето не се зголемени, но со одлуката на регулаторот во име на ЕВН ние да вршиме набавка на електрична енергија, направен е на еден начин финансиски упад во финансиското работење и ликвидноста со зголемени трошоци по однос на увоз на електрична енергија. Тоа го доставивме до регулаторот како предвидени и реализирани трошоци – изјави Чингоски.
Според методологијата за утврдување цени, енергетските компании на одреден период, доколку има разлика помеѓу дозволените трошоци во текот на годината и постигнатите од различни причини, треба да ја информира РКЕ. Регулаторот е тој што треба да оцени дали тие трошоци се прифатливи или не и во која рамка се прифатливи и како тоа ќе влијае на крајната цена на производот.Регулаторната комисија за енергетика може да донесе одлука за промена на електричната енергија доколку анализите покажат дека трошоците на ЕВН и на ЕЛЕМ во текот на зимскиот период биле повисоки од пет проценти. Согласно правилникот за регулирана цена, која било од компаниите доколку има зголемени трошоци повеќе од 5 отсто има право да достави барање кое дополнително се разгледува и ќе се донесе одлука согласно правилникот.
Извор: Нова Македонија