Понекогаш, природата најдобро знае како да се искористи сончевата енергија. И претходно научниците се обидувале да развијат системи кои ќе ги имитираат природните процеси, за што сме пишувале и порано (линк).
Имено, истражувачите на електронскиот гигант Панасоник неодамна развиле систем со вештачка фотосинтеза преку кој се создава хемикалија која е корисна во земјоделството и текстилната индустрија. Клучот за функционалноста на системот е во нитриден полупроводник и метален катализатор. Овие два материјали работат заедно во еден сложен процес во кој се создава енергија и се апсорбира јаглерод диоксид кој потоа се претвора во мравја киселина.
Мравјата киселина најчесто се користи како конзерванс за сточна храна и како антибактериско средство. Исто така, се користи и за производство на кожа, боење на текстил и како коагулант во производството на гума.
Процесот на вештачка фотосинтеза во системот кој го разви Панасоник се одвива на следниот начин: сончевата светлина загрева одредена количина вода во која се наоѓа нитридниот полупроводник. Полупроводникот потоа предизвикува електролиза, при што водата се распаѓа на своите составни елементи водород и килород. Потоа, металниот катализатор предизвикува друга реакција позната како редукција на јаглерод диоксид, при која CO2 исто така се разложува на своите составни елементи. Потоа, слободните јаглерод, кислород и водород се соединуваат во мравја киселина.
Во Панасоник имаат замисла овој систем да се користи кај термоцентрали, индустриски капацитети и депонии, каде би се собирал CO2, создавајќи доста вреден производ и истовремено би се намалиле емисиите на стакленички гасови во голема мера.
Моментално системот може да го претвора CO2 во мравја киселина со процент на преобразба од само 0.2. Иако ова е премалку за комерцијална употреба, сепак е повеќе отколку која било слична технологија досега. Од Панасоник се уверени дека системот на вештачка фотосинтеза може да функционира во секакви димензии и дека проценот на конверзија е пропорционален со осветленоста. Тоа значи дека со концентрација на сончевата светлина кон системот може да се добие поголемо производство на мравја киселина.
Можеби најдоброто од целиот овој процес е што се добива кислород како „отпадна материја“, слично како кај природната фотосинтеза, што надополнето со намалената емисија на CO2, значително би го подобрило квалитетот на воздухот.