Истражувачите на Институтот за технологија во Масачусец (МИТ) создадоа материјал кој едноставно може да се потопи во вода и да ја користи енергијата на сонцето за производство на водород.
Таканаречениот „вештачки лист“, развиен од тимот предводен од проф. Даниел Ночера, во основа е мала соларна ќелија, но со различни катализаторски материјали слепени од двете страни.
Кога ќе се постави во вода доаѓа до реакција на раздвојување на водата, односно водата се дели на своите составни компоненти, водород и кислород. Овој ефект може да се забележи лесно, бидејќи меурчиња излегуваат од материјалот – водородни меурчиња на едната, кислородни на другата страна на материјалот. Доколку листот се постави во контејнер со бариера која ги одвојува двете страни, добиените гасови можат да се складираат и водородот да се користи за добивање енергија.
Технологијата се заснова на катализатори кои беа откриени од проф. Ночера и неговите соработници. И претходно биле правени вакви обиди, но секогаш како еден од двата катализатори се користела скапата платина. Вештачкиот лист исто така користи два катализатори за раздвојување на кислородот и водородот од водата, но наместо електроди за спроведување електрицитет, тој користи тенка полупроводничка плочка од силициум, на чии две страни се нанесени слоеви од катализаторите.
Од едната страна е нанесен слој од кобалт борат од чија страна со реакција се добива кислород, а од другата страна има слој од никел-молибден-цинкова легура која делува како катализатор за одвојување на водородот. Сончевата светлина која паѓа на полупроводникот го создава електрицитетот кој ги покренува реакциите.
Во моментов, листот може да претвори само 2.5% од сончевата енергија во производство на водород. Друга варијанта на проектот, кај која катализаторите се со жици поврзани со соларната ќелија, остварува ефикасност од 4.7%. Иако ова е далеку под просечната ефикасност на претворање на енергијата на фотоволтаичните ќелии, кои сончевата енергија директно ја претвораат во електрична, развојот на листот е од голем интерес. Имено, тој ја надминува главната слабост на фотоволтаичните системи, односно овозможува работа и кога нема сончева светлина.
Кога сонцето свети, се добива водород кој може или да се користи за добивање електрична енергија веднаш или да се складира. Од тимот предвидуваат домашни системи каде фотоволтаичните панели би ја користеле сончевата енергија за производство на водород и кислород, кои би се складирале во резервоари или за полнење на горивни ќелии. Така складираниот водород би овозможил непрекинато снабдување со електрична енергија, дури и кога системот не е директно изложен на сончева светлина.
Вештачкиот лист може значително да придонесе за комерцијалното производство на водородно гориво, бидејќи е едноставел, лесен за употреба и доведува до намалување на трошоците за производство. Катализаторите кои се користат се поевтини и подостапни од оние кои се во општа употреба, како платината. Истражувачите работат и на употреба на други полупроводнички материјали освен силициумот, како железо оксид, со што производството на вештачкиот лист би било уште поевтино.