Глобалниот проблем со недостиг на енергија не ја одминува ни Македонија која е енергетски увозна земја, налагајќи потреба од вложување во мерки за енергетска ефикасност и поефикасно искористување на примарната енергија. Особено ова е вистинска можност но и предизвик за единиците на локалната заедница, општините, кои со сопствени енергетски политики можат да реализираат конкретни енергетски проекти на локално ниво и со тоа да придонесат кон сопствениот локален економски развој.
Кога станува збор за енергетска ефикасност и ефикасно искористување на енергијата, когенерацијата е вистинскиот начин за нивна примена. Когенерација значи истовремено производство на електрична енергија и топлина од исто гориво. Дел од позначајните придобивки на когенерацијата вклучуваат висока енергетска ефикасност поради истовремено искористување на исто гориво за производство на електрична енергија и топлина, односно искористување на топлината која обично се смета за отпадна енергија; намалување на емисиите на јаглерод диоксид; можност за искористување на обновливи извори на енергија; и можност за децентрализирано снабдување со топлина и електрична енергија – погодно за снабдување со енергија на локално ниво. Во Македонија до сега познати се големи когенеративни постројки како ТЕ-ТО на пример (просечен годишен капацитет од 220 MW за производство на електрична енергија и 160 MW за производство на топлина). Дел од позитивните страни на овој проект се поголемо искористување на природниот гас во Македонија и како резултат на користење на природниот гас како гориво – произведување на топлинска енергија по пониски цени.
Законот за градење во Македонија предвидува дека општините се надлежни за издавање нa одобрение за градење за мали постројки со капацитет до 1 MW, што отвара перспектива кај општините за планирање на когенеративни постројки со мал капацитет во сопствените енергетски програми. Зависно од условите во општините и исплатливоста на проектот, овие постројки би биле можност за ефикасно загревање на домовите и зградите во надлежност на општината, знаејќи дека високите цени на централното греење во Скопје како и најчесто неефикасно греење на дрва или електрична енергија претставува вистински проблем како и од финансиски, така и од здравствен и еколошки аспект.
Доколку се разгледаат дел од енергетските програми на општините може да се види дека она во што најмногу вложуваат се поедноставни мерки за енергетска ефикасност како промена на уличното осветлување и сл. Понапредни мерки кои бараат поголеми финансиски инвестиции како мали когенеративни постројки најчесто не се планираат. Исклучок е општина Карпош која има најавено да вклучи вакви постројки во рамките на нивниот проект за гасификација на општината. Имено, јавното претпријатие КАР-ГАС за дистрибуција на гас кое општината неодамна го основа, ќе ја нуди можноста за испорака на топла вода преку сопствени когенеративни постројки, која ќе ги користи веќе инсталираните радијаторски системи во објектите. Друг надежен проект е на општините Битола, Могила и Новаци, кој е поддржан од ЕУ фондовите и има за цел изградба на топлинска инфраструктура за искористување на топлината од термоелектраната РЕК Битола. На тој начин би се искористила отпадната енергија, т.е. топлината од работата на термоелектраната за греење.
Прашањето како понапредни енергетски проекти можат да се реализираат беше и една од дискутираните теми на Регионална енергетска конференција “Имплементирање на енергетски политики на локално ниво” одржана на 29-30 октомври 2012 во Скопје, организирана од Европска комисија, Советот за регионална соработка и Аналитика. Дел од заклучоците од оваа конференција во однос на ова прашање укажуваат дека недостигот од финансиски средства за енергетски проекти може да се реши со фокусирање на наоѓање на средства за енергетски проекти надвор од општинските буџети (ЕУ проекти, билатералини донатори, јавни-приватни партнерства итн.). Исто така, важно е и локалните власти да покажат лидерство во однос на другите сектори и да преземат конкретни активности од областа на енергетиката кои би биле за пример.
Други значајни предизвици кои се однесуваат на когенерацијата се високата цена на потребната технологија, недоволна информираност за придобивките од когенерација, недостаток на силни стимулирачки мерки, немање топлинска инфраструкура и сл.
Со оглед на фактот дека имплементирање на енергетските политики на локално ниво е се уште новина во државата, развивањето на локални енергетски политики вклучувајќи когенертивни проекти е посебен предизвик, но истовремено и можност за економски развој на локално ниво, заштедување на енергија и подобрување на услугите и условите за греење. Останува да се види исходот на споменатите пилот проекти и секако нивното искуство и резултати се важна научена лекција која треба да се пренесе и на останатите општини. На тој начин преку трансфер на знаење и соработка, општините набрзо би се охрабриле за реализирање на капитални проекти од областа на енергетската ефикасност.