Пред можеби еден месец пишував за тоа како ветерот може да се искористи за наводнување. Имено Бранислав Савиќ од Војводина, направи две ветерници со кој што ги задоволува потребите за наводнување.
Слично како и Бранислав и еден машин бравар од Зрењанин реши да ја искористи енергијата на ветерот и си направи ветерница. Но тоа не е обична ветерница – истата ја патентирал. Милентије Ивковиќ (понатаму во текстот ќе го прекрстиме во Миле), на својот салаш во околината на местото Меленци, немаше ниту струја, ниту пак ни вода. Но тоа за него не беше голем проблем – тој го укроти ветерот.
Неговата ветерница успешно ја користи ветерната енергија за производство на електрична енергија како и за потребите на наводнувањето. Првата ветерница ја правеше неколку години, додека втората ја направи за само 6 месеци. Миле вели дека функционирањето на ветерницата е мошне едноставно.
„Ветерницата е мобилна, може да се пренеси од едно место на друго, од еден салаш на друг. Се монтира за многу кратко време, исто така може и да се размонтира и тоа е нејзината најголема предност во однос на другите ветерници.“ вели Ивковиќ.
Оваа ветерница може да ги задоволи потребите на мали домаќинства. Неговата ветерница ја освои неколку награди, меѓу кој што се и награда на Тесла фестот како и награда за иновација од Брисел. Но се што Миле има добиено од овие награди се само пофалби.
„Постои интерес од инвеститорите да го откупат патентот, но се останува на интерес. За сега ми понудија изработка на прототип, кој што ќе се постави на еден плац. Кога се ќе биде завршено ветерницата ќе се започни со производство на оваа ветерница.“ Изјави Миле.
Според пресметките кој што ги има направено, изработката на оваа ветерница чини околу 1.500 евра.
Оваа приказна е релативно стара, а во меѓувреме Миле отвори бизнис за производство на неговите ветерници.