Од денеска на бензинските пумпи на „Лукоил“ низ земјава се продава ново енергетски ефикасно и еколошко гориво „екто“. Неговата цена е иста како и на другите стандардни горива, што значи нема да има поскапување со неговото воведување. Македонија е првата земја на Балканот во која руската компанија почна да го продава новото гориво.
Главните карактеристики на горивото, според генералниот директор на „Лукоил Македонија“, Андреј Куку, се енергетска ефикасност, моќност и заштита на животната средина. На македонскиот пазар се продаваат три типа деривати од новото гориво на руската нафтена компанија: бензинот „екто плус“, кој е соодветен на стандардниот безоловен „евросупер 95“, потоа бензинот „екто спорт“, кој е соодветен на „евросупер 98“ и „екто дизел“ соодветен за „евродизел БС“.
– Горивото има и прочистувачки својства, бидејќи го исфрла талогот, штити од корозија и од формирање емулзија и пена врз горивото при точење. Примената на „екто плус“, во зависност од режимот на возење, дава дополнителни 30 километри повеќе возење со полн резервоар – рече Куку.
Според вицепремиерот за економија Владимир Пешевски, не е доволно само да се обезбеди гориво, туку тоа треба да биде со определен квалитет.
– На македонските потрошувачи ќе им бидат достапни најновите технолошки достигнувања во оваа област, што е показател што значи кога се има сериозен странски инвеститор во државата. За нас е многу важно да негуваме позитивни искуства со странските инвеститори и во таа насока и во следниот период ќе продолжиме со соработката со оваа компанија и ширењето на нејзината мрежа во земјава – додаде Пешевски. (Г.Р.)
Преземено од Дневник