По спроведената постапка за воспоставување на ЈПП во делот на реконструкција, модернизација, надградба и одржување на системот за јавно осветлување во Општина Ресен, денес беше потпишан Договор со фирмата Џемдаг од Измир Р. Турција, која на електронската аукција беше избрана за најповолен изведувач на работите, односно иден приватен партнер во процесот за јавно осветлување во Општина Ресен.
„Приватниот партнер, според одредбите од Договорот треба да изврши комплетна замена на постојните 2400 живини и натриумови светилки со современи ЛЕД диоди кои ќе гарантираат заштеда на електричната енергија од минимум 60% и ќе придонесат кон зачувување на животната средина. Договорот е воспоставен на рок од 15 год., при што приватниот партнер за тој период ќе го одржува системот, ќе формира кол- центар каде граѓаните ќе ги пријавуваат евентуалните дефекти на системот, а кои според Договорот ќе се отстрануваат во рок од 48 часа“ рече градоначалникот на Општина Ресен д-р Ѓоко Стрезовски.
Со истиот договор, во наредниот период предвидена е и надградба на системот за улично осветлување на влезовите во Ресен од правец на Царев Двор и Јанковец, со што ќе се комплетира севкупната градска слика заедно со сите влезови.
„Вредноста на договорот е 1.250.000 евра кои Општина Ресен ќе ги исплаќа кон приватниот партнер во период од 15 години, а средствата ќе бидат обезбедени од генерираните заштеди на електрична енергија кои континуирано ќе се прават во наредниот период“ истакна Стрезовски.
Со воспоставување на овој систем, граѓаните на Преспа ќе добијат значително подобрување на квалитетот на осветлувањето, ќе се регулираат честите дефекти на системот кои досега се јавуваа, како и навремено отстранување на евентуални проблеми во иднина. Според градоначалникот на Општина Ресен овој проект се вбројува во еден од најважните за општината за годинава и заедно со проектот за реконструкција на градскиот водовод се главната оска на инвестицискиот бум од над 5 милиони евра инвестиции кои се планира да се реализираат во 2016 година во однос на патната и комунална инфраструктура,туризмот и останатите сфери од тековното живеење на Општина Ресен.
Извор: ТВ Орбис
One Comment
Петар
Баш чудно затоа што јас живеам во Општина Ресен и на мојата улица не свети ниту една сијалица од уличното осветлување во последните 10 години.