За енергетичарите е нејасно како ќе се остварат препораките на Европската комисија за намалување на продажбата на електрична енергија за 1,5 процент во услови на засилена експанзија на индустријата, градежништвото и другите сектори
Штедењето не е единствена алтернатива само за Грција, туку отсега сите земји во ЕУ ќе мора да го затегнат ременот кога станува збор за енергијата. Европската комисија вчера усвои директива со која ги обврзува енергетските компании во Европската Унија да ја намалат продажбата на електрична енергија за 1,5 процент на годишно ниво на сметка на зголемување на енергетската ефикасност. Според еврокомесарот Гинтер Етингер, намалувањето на продажбата на струја мора да биде усвоено во сите земји-членки на ЕУ. Ова секако важи и за аспирантите за членство, меѓу кои е и Македонија. За експертите ваквата мерка значи „брцање во џебот“ и помал профит за енергетските компании, поради намалената продажба на струја.
– Не ми е јасно како ќе се изведе тоа. Ако се сака да се постигне поголема енергетска ефикасност, тогаш мерката треба да важи за тие што трошат, а не за оние што произведуваат енергија – вели познавач на пазарот со енергија.
Првата реакција, пак, на домашните енергетски компании е дека ќе ја почитуваат директивата од Брисел.
– „ЕВН-Македонија“ како компанија што работи според домашните закони и ги применува сите европски директиви ќе ја почитува и оваа кога таа ќе биде инкорпорирана во законската легислатива. Уште од самото влегување како странски инвеститор компанијата е најголем поборник за штедење. Во таа насока почнавме со едукација на корисниците за разумно користење на електричната енергија. Наша главна задача е создавање млада армија на луѓе што треба да ја сменат перцепцијата за трошење на енергијата. Продолжуваме да работиме и на нови иновативни услуги преку кои ќе им помогнеме на корисниците да ја намалат потрошувачката на електричната енергија – вели Атанас Ковачевски, портпарол на „ЕВН-Македонија“.
Од компанијата уште додаваат дека постојат фактори што не зависат од нив, како што е сé поголемата експанзија на индустријата и градежништвото, кои се главни за зголемувањето на потребата од електрична енергија.
– Најверојатно пазарот ќе покаже дали европските директиви навистина ќе се покажат како реално применливи – тврдат од ЕВН.
Заострената политика на ЕУ за зголемување на енергетската ефикасност доаѓа откако стана јасно дека тешко ќе се оствари претходно поставената цел до 2020 година потрошувачката на енергија да се намали за 20 проценти во однос на онаа од 2005 година. Тоа нема да биде реализирано ако се продолжи со оваа темпо и намалувањето ќе биде само за девет отсто, велат претставници на Европската комисија. На разумно трошење на енергијата апелираат и од АД ЕЛЕМ, од каде што нагласуваат дека нивен приоритет е обезбедување електрична енергија за потребите на граѓаните и на малата индустрија, додека вишоците енергија во поголемиот период од годината се јавуваат во ноќните часови и се нудат на продажба по пат на јавни аукции.
– Минатата година успеавме да го намалиме увозот за 35,3 проценти, што би значело заштеда од околу 13 милиони евра. Од 2008 година со донесување на Законот за енергетика, АД ЕЛЕМ континуирано го намалува увозот, додека во исто време продажбата на вишоци континуирано расте – вели Димитар Танурков, директор за производство на струја во ЕЛЕМ.
Автор: Александар С. Димковски | Фотографија: Игор Бансколиев |
Преземено од Нова Македонија