Според досегашното искуство, овој концепт се покажува како неуспешен. Последен во низата on-line „помошници“ за заштеда на енергија кој го најави својот крај е Google PowerMeter. Како што изгледа, сите напори да се направи спој меѓу социјалните мрежи и заштедата на енергија испаѓаат залудни. И тоа е штета, бидејќи кога нашите пријатели би можеле да ги “unlike-нат” нашите трошачки навики, можеби би добиле некој поттик да ги промениме.
Но, можеби има светлина на крајот на тунелот, според Пол Кол, потпретседател во Тендрил, компанија која нуди практични решенија за енергетска заштеда. По образование Кол е психолог, па затоа и имал спроведено неколку експерименти за да дознае што би ги натерало луѓето да штедат енергија.
-Погрешно сме ја сфатиле работата до сега. Не е толку проблемот во мотивацијата на корисниците, колку што ние експертите не сме им го понудиле вистинскиот производ – вели Кол.
Тој прави посебен осврт на термостатите. Според една студија објавена во април, повеќето луѓе кои имаат програмабилни термостати, не ги користат. Дали се тие толку тешки за нагодување?
Испаѓа дека не е прашањето само во правење на термостати поедноставни за нагодување, туку и во тоа тие да ви достават доволно корисни информации. Ако го намалите термостатот за некој степен и ги натерате вашите дома да носат подебели џемпери, дали навистина ќе заштедите? И колку? Ако се намачите да ги изолирате вашите прозорци, дали тоа на крајот ќе се одрази поволно на сметката? Еден паметен термостат би требало тоа да ви го пресмета.
Кол со соработниците направија студија која вклучи 100-тина домови во кои беа вградени паметни термостати и енергетски монитори што на корисниците им даваа директни податоци за потрошувачката, не само моменталната, туку и споредена со минатите месеци, споредена со онаа на другите учесници во истражувањето, како и со предвидената потрошувачка на енергија на дом со слична големина. Беше отворен и интернет форум на кој луѓето можеа да ги споделуваат своите идеи, да се фалат за заштеденото, како и да бараат совет од енергетски стручњак.
Во првите 6 месеци, домаќинствата ја намалиле потрошувачката на енергија во просек за 10%. Повеќето започнале со едноставни методи како замена на светилките со поекономични, но набрзо тоа преминало во замена на поголемите потрошувачки уреди со енергетски поефикасни. „Можеби најзначајно од сѐ е што тие ги задржаа своите нови навики и по престанокот на истражувањето“ – истакнува Кол. „Луѓето се приклучуваат на форумот неколку пати месечно, и ако порано бараа совет од стручњакот, сега се советуваат меѓусебно“.
Според ова, а и други слични истражувања, се заклучува дека притисокот од јавноста функционира. На основа на ова, Тендрил изработи веб-апликација (достапна и во мобилна верзија за Android и iOS) со чија помош можете да ги поставите вашите енергетски цели, да го следите вашиот напредок, како и да се споредувате и разменувате совети со други корисници. Ако имате инсталиран паметен термостат, можете да го програмирате преку апликацијата. Дури и да немате термостат или монитор, апликацијата сепак работи и можете да ја надгледувате и регулирате својата сметка.
Иако до сега се чинеше дека штедење на енергија со помош на социјални мрежи е пропаднат проект поради недостаток на волја кај луѓето, сепак се покажа дека луѓето имаат волја да преземат сериозни чекори, само треба развојните компании патот до таму да го направат поедноставен и позабавен.