Недостаток на квалитетни проекти и незаинтересираноста на банките се клучните проблеми со кои се соочува државата во напорите за зголемување на енергетската ефикасност и поголема искористеност на обновливите извори на енергија
На меѓународната конференција што вчера ја организираше Агенцијата за енергетика, Центарот за климатски промени, норвешката компанија „Норск Енерџи“ и Економската комисија на Обединетите нации беше побарано да се воспостави дијалог меѓу изработувачите на проектите и финансиерите, да се подобрат способностите за подготовка на профитабилни проекти и да се овозможи интеракција со финансиските институции, кои би инвестирале во вакви проекти.
– Македонија има потенцијали за енергетска ефикасност и обновливи избори. Препознатливи сме по сончевата енергија и располагаме со извонредно подготвен терен за инвестирање, но правењето квалитетни проекти и нивното финансирање се проблем со кој се соочуваме. Мислам дека банките не се влезени во оваа проблематика и што поскоро влезат, тоа ќе биде подобро за сите нас – вели Лазар Гечевски, директорот на Агенцијата за енергетика. Од Економската комисија на Обединетите нации се надеваат дека ќе бидат изработени добри проекти во кои ќе може да се инвестира.
Автор: А.С.Д.
Преземено од Нова Македонија