Како што пишува дневниот весник „Дневник“, ниту еден станбен објект не ќе може да се продаде или да се издава под закуп, доколку нема добиено сертификат за енергетска ефикасност. Со усогласувањето на македонската легислатива која што се однесува на делот за трговија со недвижности со легислативата на ЕУ, оние објекти кој што немаат енергетски пасош, не ќе можат да се огласат за продажба, доколку не го поседуваат овој документ. Истиот принцип ќе важи и за државните институции, како и за објектите кој што се во сопственост на државата.
Доколку не планирате да ги продавате објектите, сертификатот за енергетска ефикасност нема да Ви биде потребен, но овој сертификат ќе ви биде потребен доколку сакате да добиете одобрение за градба.
Според пишувањето на „Дневник“, оваа обврска треба да стапи на сила од 2016 година, а во меѓувреме ќе се обучат стручни лица за да ја добијат функцијата на енергетски контролори.
„За зградите и градежните единици кои се продаваат или се издаваат под закуп е потребно да се обезбеди сертификат за енергетски карактеристики на зградите. Притоа, продавачите или закуподавците на згради или градежни единици се должни на купувачите или на закупците да им го предадат сертификатот за енергетски карактеристики на зградата во оригинал или копија заверена на нотар„ – објаснуваат од Министерството за економија, за весникот.
Издадените енергетски сертификати ќе важат 10 години, по што сопствениците на станбените објекти ќе треба да вадат нови.