Новите измени на Законот за енергетика предвидуваат намалување на трошоците, зголемување на ефикасноста во енергетиката и хармонизација со техничката регулатива на земјите од Југоисточна Европа.
Најновите измени предвидуваат издавање на сертификати за енергетски карактеристики на зградите (енергетски пасоши), а контролите ќе се вршат од страна на енергетски контролори. Енергетските контролори ќе бидат обучени од страна на државата и ќе поседуваат соодветна лиценца за вршење на оваа дејност. Овие измени ќе треба да се усогласат Законот за градба, каде што ќе бидат предвидени стандарди за енергетска ефикасност на зградите. Овие усогласувања треба да бидат направени за период од шест месеци.
Според изјавата на министерот за економија, Ваљон Сарачини, со законските измени се овозможува употреба на полиетиленски цевки во дистрибутивната гасоводна мрежа, со кој што ќе се намалат трошоците, а од друга страна ќе се зголеми векот на траење на цевките, безбедно функционирање на гасоводните системи, како и едукација и обука на кадри од оваа област.
„Во делот на енергетска ефикасност донесени се три правилници за енергетски карактеристики на зградите, за енергетска контрола и Правилник за информациски системи за следење и управување со потрошувачка на енергија кај лицата од јавниот сектор. Со Правилникот за енергетски карактеристики на зградите ќе се дефинираат енергетските стандарди на зградите, кои според нивната енергетска ефикасност ќе добијат енергетски пасош“, рече Сарачини.
Како што изјави ресорниот министер, Министерството за економија ќе ги обучува кадрите кои што ќе раководат со гасификационите системи, што е особено важно во услови кога Република Македонија позабрзано се приклучува кон гасоводот Јужен поток.
Во делот на гасификацијата, поточно делот кој што се однесува до гасификацијата на општините, со Законот се предвидува општината во рок од 15 месеци да изработи студија на изводливост и истата да ја достави до Министерството за економија, кое откако ќе ја одобри го доставува до Владата која ќе ја донесе конечната одлука.
„Новиот закон за енергетика нуди услови за систематско решение на енергетските процеси, односно со него ќе се зголемат стандардите за енергетика и ќе се отворат нови работни места“, изјави министерот Сарачини.
One Comment
Pingback: Без енергетски пасош нема продажба на станбени објекти