Започнати се активности за изградба на систем за одведување на топлинска енерегија од РЕК Битола и нејзино спроведување до општините Битола, Новаци и Могила, изјави вчера генералниот директор на АД Електрани на Македонија – ЕЛЕМ, Влатко Чингоски на владината седница.
Според Чингоски, ЕЛЕМ одржале неколку работни состаноци со градоначалниците на Битола, Новаци и Могила за да се забрза овој проект, како и средби со надлежниот производител на опремата во термоелектраната ТЕ „Битола“ кои треба да создадат услови за извлекување на одредени количини топлинска енергија, која преку единствен топловод ќе се дистрибуира до трите пелагониски општини.
– ЕЛЕМ во овој момент го изработува проектот за одземање на топлина од турбината, а паралелно се изработува и проектна задача за проектирање на топловодот кој топлината ќе ја пренесе од ТЕ „Битола“ до општинте Новаци, Битола и Могила, посочи Чингоски.
Трите Палагониски општини во оваа фаза подготвуваат документација поврзана со патеката за поставување на топловодот и треба да изберат траса по која топловодот најбрзо ќе минува, а да притоа има најмали зафаќања на приватен имот, истакна генералниот директор на ЕЛЕМ, Влатко Чингоски.
– ЕЛЕМ во оваа фаза вршат подготовки за формирање на посебно Друштво-ДООЕЛ во сопственост на ЕЛЕМ кое ќе биде задолжено да координира и да ја изврши работата се до ставање во функција на овој топловоден систем, а тоа значи- подготовка во ТЕ „Битола“, изведба на топловодниот систем и изведба на примарните и секундарните топловодни мрежи во Битола за да во 2013 година, најдоцна до 2014 година битолчани да ги добијат првите количини на топлина од РЕК „Битола“, истакна Чингоски.
На синоќешната седница на Владата на Република Македонија со која претседаваше премиерот Никола Груевски беше најавено дека топловодниот систем ќе може да го користат и жителите од населените места кои се занимаваат со земјоделство, односно дел од топлинската енергија ќе може да се употреби за формирање оранжерии, со што ќе се поттикнат нови вработувања и развивање на оваа област во Пелагонија.
Преземено од Курир